Пепелницата ќе го намали родот за 30%

Годинава во Македонија ќе има намален род на лозјето. Променливата пролет придонесе лозјата да се разболат, поради што целокупните површини се со болести, кои осетно ќе влијаат на родот. Тоа пак ќе придонесе и на помали количества преработки. Вино според некои проценки ќе има и до третина помалку од претходните години. Индивидуалните лозари мака мачат како да ги опорават плантажите со насад, кои се сериозно зафатени од болести.
„Два пати прскав, ама ништо не помага. Многу лоша година има. Ако роди и половина од лани ќе биде успех. Грозје ќе нема, ќе има висока цена на пазарот, уште отсега винарините најавуваат дека добро ќе плаќаат, но грозје малку ќе се најде. Ќе биде скапо. Толку работа, цело семејство се ангажиравме ама тешко дека ќе се наплати нашата мака“ – вели Живко Андреев лозар кој има десетина декари од оваа култура.
Лозарите се постојано по лозјата надевајќи се дека се што преземаат ќе вроди со плод и лозјата ќе се опорават. Но попусто, засега кога веќе и гроздовите се формирани, дека може нешто да се поправи. И стручњаците ги потврдуваат овие лоши проценки, за лошата година.
„Оценките се дека годинава ќе има помалку род на грозје од 20 до 30 отсто. Повеќето лозари не беа подготвени за навремена заштита на насадите. Имавме посушни услови, па обилни врнежи, северна клима. Лозарите не ги препознаа навреме ризиците од промената на климатските услови“ – вели Дане Јованов директор на винаријата Стоби, еден од поголемите македонски производители на вино.
Проблемот кој го сигнализираат производителите на винова лоза во Македонија е сериозен, со широки размери и последици. Тој е присутен на територијата на цела држава. Стручњаците го лоцираат кај болестите кои ги зафатија лозјата во земјава.
„Специфичноста на годината во однос на температурата и влагата, односно наизменичната смена на топло време и дожд, се основна причина за појавата на болеста пламеница на виновата лоза. Габата го напаѓа листот и гроздот. Оваа година е регистриран напад со силен интензитет, во сите производни региони со винова лоза во Македонија. Ова можеме да го дефинираме како епифитоција. Во меѓувреме се јави и болеста пепелница, која уште повеќе го зголеми проблемот со здравствената состојба на лозата. Поради силниот напад на пламеницата и појава на пепелница, се очекува намалување на родот на лозјата, но не може да прецизирам колкав ќе биде тој“ – изјави д-р Станислава Лазаревска професор на Земјоделскиот факултет до Скопје.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *