„Тиквеш“ со 15 осто поголем приход од минатата година

Најпознатиот македонски производител на вина и ракија за првите девет месеци има приход од продажба кој надмина 17,8 милиони евра односно 15 отсто во споредба со лани. „Тиквеш“ освојува на домашниот и на странските пазари, покажуваат податоците од продажба. Девизниот прилив за девет месеци е 8,45 милиони евра. Многу важно за инвеститорите е што паѓаат трошоците за камати, а за сметка на нив расте нето добивката

Најголемата и најпозната домашна винарија „Тиквеш“ за првите девет месеци оствари приходи од продажба кои надминаа 1,1 милијарди денари и тоа е за 15 отсто подобар резултат од истиот период лани, покажува консолидираниот биланс на успех што го објави таа компанија. Генерално гледано, приходите од продажба во однос на лани пораснале за 2,3 милиони евра, а тие во крајна линија продуцирале раст на нето добивката од 81.000 евра. Најзначајно за инвеститорите во „Тиквеш“ е тоа што пазарното учество на компанијата расте значајно како на домашниот пазар, така и во странство, а истовремено со тоа значајно се намалени финансиските расходи кои компанијата ги плаќа за камати на своите кредити.

Колку продаде „Тиквеш“ на домашниот пазар од јули до септември?

Најголемата домашна винерија на македонскиот пазар во летните месеци (јули-септември) оствари приходи од продажба во износ од 379,4 милиони денари односно околу 6,3 милиони евра! Продажбата во овој квартал е повисока од просечната квартална продажба за првите две тромесечја годинава. Од тие 379,4 милиони денари на домашниот пазар се реализирани 217,3 милиони денари односно 3,5 милиони евра. Тоа значи дека просечната дневна продажба на „Тиквеш“ ова лето е околу 56.730 евра. На странските пазари приходите од продажба достигнаа 167,5 милиони денари и тоа е за нијанса послаб резултат од просекот по тромесечје за првите два квартали годинава. Како и да е компанијата на приходи од продажба во износ од 379,4 милиони денари остварила трошоци за продажба во износ од 258,4 милиони денари, оперативна добивка од 20,5 милиони денари и нето добивка за кварталот од 7,8 милиони денари. За првите девет месеци компанијата има нето добивка од 27,6 милиони денари која е за 23 отсто повисока во споредба со нето добивката остварена во првите девет месеци лани.

Финансиските расходи се поголеми од нето добивката!

Голем предизвик за „Тиквеш“ се финансиските расходи. На крајот на септември годинава тие изнесуваат 38,7 милиони денари, а до крајот на јуни компанијата за камати на кредити и слични трошоци платила половина милион евра. Значајно и охрабрувачки за инвеститорите и сопствениците на „Тиквеш“ е тоа што компанијата во споредба со септември лани годинава за првите девет месеци има пониски финансиски расходи во износ од 7,2 милиони денари што е намалување од 16 отсто. За сега финансиските расходи на компанијата остануваат повисоки од нејзината добивка. Но многу значајно за сите актуелни и потенцијални инвеститори во „Тиквеш“ е тоа што финансиските расходи од година в година се намалуваат, а наспроти нив расте нето добивката на компанијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *