Кавадаречките средношколци учат винарски занает за да отворат семејни винарии

Ученици учат винарски занает со цел во иднина да отворат семејни винарии и да живеат од винопроизводство. Во рамки на нивната практична настава, во Земјоделско-шумарското училиште „Ѓорче Петров“ во Кавадарци, годинава повторно се произведоа црвени и бели вина. Нивното производство постојано се изложува и се дегустира на различни саеми и манифестации посветени на производите од грозје.

– Нашето училиште со традиција произведува квалитетни црвени и бели вина, вината ги произведуваат учениците под менторство на своите професори во рамки на практичната настава. Успешно ја спојуваат праксата со теоријата и имаме доста добри резултати. Како водечко училиште од земјоделската струка од Тиквешијата, располагаме со 8,5 хектари лозов насад. Најзастапени сорти на грозје што ги имаме во нашата лозова економија се смедеревка, вранец, ркацители, а имаме и мерло. Мали површини имаме и од темјаника. Сите тие сорти допринесуваат да произведеме квалитетни црвени и бели вина, а исто така нашето училиште располага и со мини винарија што секоја година ја опремуваме со нова опрема. Најдобро е што учениците се прилично ангажирани на практичната настава, за да ги усовршат своите теоретски знаења и да ги применат во практиката – ни рече професорот Коце Попов.
Секоја година се произведуваат одредени количини на црвени и бели вина.

– Годинава повторно произведовме по околу 200 литри вина „смедеревка“, „вранец“, „мерло“, околу 100 литри „ркацители“. Нашите ученици ја изучуваат и ја спроведуваат целата технологија на производство на црвени и бели вина. Од бербата до флаширањето или етикетирањето на вината, сето тоа се прави во нашето училиште – ни кажа професорот.
Тој појасни дека нивни ученици заедно со нивните семејства се одлучуваат и за подигнување на нови лозови насади, а во целокупното лозаровинарско производство се соединуваат традицијата, мудроста и искуството од постарите, со науката од помладите. Само на тој начин, додаде, се доаѓа до успех.

mk-skills-lab1-780

– Треба да се посвети уште поголемо внимание на земјоделството, бидејќи овој крај е земјоделски и има добри климатски и почвени услови за производство на црвени и бели вина. Исто така и за овоштарството се погодни климата, почвата и реонот. Мислам дека во иднина ќе се посвети поголемо внимание на земјоделството и ќе имаме подобар успех и во уписната политика во нашето училиште, а исто така и земјоделците ќе бидат едуцирани околу производството на вина. Бидејќи од оваа година во нашето училиште се отвори енолошка лабораторија, ученици практично ги испитуваат својствата и состојките на вината – посочува професорот Попов.

Тој нагласува дека во таа лабораторија ќе се испитуваат СО2, киселини, шеќери, алкохол во виното, а понатаму би требало уште повеќе да ја опремат лабораторијата и да ги испитуваат другите параметри.

– Основно е што самите ученици ќе научат како се прави квалитетно вино, врз основа на тие параметри што ги испитуваат на практичната настава, зашто без пракса нема производство на квалитетни вина. Без да се знае колку важни состојки има во виното, тоа не може да биде квалитетно, бидејќи состојките многу добро влијаат врз производство на квалитетен готов производ – дециден беше професорот, кој ни соопшти дека во рамките на училиштето имаат и нова педолошка лабораторија за испитување на квалитетот на почвата во одреден земјоделски имот.

mk-skills-lab-780

Попов додаде дека во училиштето се произведуваат добри и квалитетни вина што се признати и од дегустаторите кои се занимаваат со оваа проблематика.

Професорот ни кажа дека многу од нивните ученици во рамките на училиштето ги прават првите обиди да направат квалитетни вина, а потоа со производство на вино продолжуваат во домашни услови. Освојуваат награди и подоцна одлучуваат винопроизводството да им претставува семеен бизнис, од кој ќе им егзистира семејството. Има и такви кои со дополнително образование и како стручни лица, менаџираат со винарии коишто не се во нивна сопственост.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *