Бон тонот и добрите манири се важни дури и кога порачувате вино

Муштеријата е секогаш во право – оваа аксиома на американската индустрија повеќето гости ја прифаќаат како нивно лично неотуѓиво право. Но, овој цврст принцип не значи дека гостите можат да прават се што ќе посакаат кога ќе стапнат во ресторанот. Ниту пак, значи дека персоналот на угостителскиот објект може да ги лечи своите фрустрации врз гостите и потоа да очекува бакшиш од 20%. Повеќе од јасно е дека е неопходна заедничка почит помеѓу едните и другите со што сите би имале корист од соработката.
За да се дојде до оваа, слободно можеме да ја наречеме идилична, состојба неопходно е да повежбаме малку бон тон и да ги вратиме манирите во добра форма. За да се постигне тоа, не е потребен голем напор. Емили Пост, авторката на делото Американски бон тон, вели дека манирите се чувствителност и свесност за чувствата на другите. Ако ја поседувате таа чувствителност, имате добри манири, без разлика на тоа која вилушка за кое јадење ја користите.
Последните 20 години бележат зголемен пораст на средствата издвоени од семејните буџети, за исхрана надвор од домашната кујна. Оваа фактичка состојба логично влијае на зголемување на бројот на ресторани, тврдат експертите. Џенифер Берг, професор по предметот Храна и култура на Њујоршкиот факултет за храна и јавно здравство, на одделот за храна и диететика, смета дека зголемувањето на бројот на рестораните игра голема улога во се поопуштеното однесување на гостите на кое сме сите сведоци. Во свеста на поголем дел од гостите се развила, една за нив проста филозофија: сметаат дека со изборот му прават услуга на ресторанот во кој се хранат и оти токму поради тоа неговите сопственици имаат посебни обврски кон нив.

administracion-restaurant-peru-2
Со вака поместените сфаќања, но и со новите трендови (мобилни телефони, зголемена винска понуда итн.) сите сме свесни дека почнуваат да важат новите правила на бон тонот кој ќе обезбеди задоволство и на двете страни – и кај гостите и кај сопствениците на рестораните.

Една од клучните точки кога се зборува за бон тонот во ресторан е консумацијата на виното. Виното може да игра главна улога за ручекот или вечерата, да ја направи исхраната попријатна, а за ресторанот секако да значи и поголем профит. Токму затоа, во интерес на двете страни е да играат според правилата.
Порачувањето на вино во ресторан може да биде застрашувачка работа, и трауматично засрамувачко нешто, особено ако не знаете ништо повеќе од тоа дека постојат црвени, бели, пенливи и розе вина. Консултацијата со келнерот или сомелиерот (доколку го има) пак, често знае да направи гостинот да се чувствува уште понезгодно, особено ако сте дојдени со група луѓе. Една од опциите е да му укажете на вашите платежни можности на келнерот, но на дискретен начин со покажување на одредено вино од листата пропратено со прашањето: размислувам да го пробам ова вино, што би можеле да ми кажете за него? Со тоа, ќе го ориентирате келнерот или сомелијерот во кои рамки да се движи со понудата.

dating-dan-fb
Од перспектива на гостин, не треба да сте стручњак за да препознаете кога виното не е во ред, кога тапата се скршила внатре, кога мириса на влага или мувла. Ако мислите дека виното мириса чудно или има сомнителен вкус, треба за тоа решително да го известите келнерот или сомелиерот. После се, вие плаќате за него, и не смеете да си дозволите да пиете расипано вино. И секако, не се чувствувајте лошо поради тоа што со враќањето на шишето ресторанот губи пари. Расипаните вина се враќаат кај нивните производители и се заменуваат со нови или се рефундираат.
Друго прашање е што да направите кога ќе нарачете некое вино, а не ви се допаѓа? Ако самоуверено и без сугестија сте ја направиле порачката, без консултација со сомелиерот или келнерот, генерално не е згодно да го вратите, посебно не ако е некое скапо вино. Но, во случај да сте побарале асистенција од персоналот и да не ви се допаѓа виното што ви го сугерирале, слободно изразете го своето незадоволство и вратете ја порачката.
Што се однесува до сомелиерите и келнерите, ситуација во која некој муштерија враќа расипано или вино кое по препорака не му се допаѓа е одлична за обука на персоналот како се постапува во такви моменти. Прилика за добра вежба на љубезност и професионалност.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *