Куќата на Касапови во Велес градена со вино

Две куќи, два бисери на велешката архитектура имаат своја невообичаена приказна. Братската куќа, која е покрај реката Вардар е градена со јајца, додека куќата на Касапови е градена со вино. Овие малку познати моменти ги раскажаа наследниците на сопствениците кои изворно од нивните дедовци ги слушнале животните приказни.

 

Веднаш по Стариот мост, покрај Вардар од неговата лева страна се наоѓа убава жолта куќа, која како да изнуркала од водите на реката. Иако не е во познатото Влашко Маало каде што куќите се жолти, оваа го привлекува вниманието на повеќето кои минуваат од спротивната страна. Од таму се гледа раскошната убавина на куќата која ја имала, иако времето влијаело врз неа. Таа е позната како Братската куќа, така се води во документите на архитектите, денес е сопственост на две фамилии Кочови и Дончеви. Тоа што е особено значајно е дека е изградена со илјадници јајца, кои со кошови на магариња биле носени во градот од околните села.

4D9731C286028A4C9E7E71DEE554FB5E
– Куќата е градена со јајца и со жива вар. Негасената вар се гаси на лице место со вода, се додаваат јајцата, песокот и директно се вградува во темелите. Тоа личи како еден вид цемент. И за стогодишното владеење со куќата не сме имале никакви проблеми со неа. Со јајца се правени само темелите кои се покажаа како одличен материјал оти куќата опстојува безмалку два века. Нагоре е крената со рам- конструкција од дабово дрво – вели еден од сопствениците Благој Кочов. Според истражувањата и податоците достапни од архитектите, куќата е изградена околу 1830 година, била сопственост на судија – Турчин. А денешните сопственици куќата ја купиле околу 1923 година. Иако речиси два века е до реката, водата не и’ направила сериозно оштетување и тогашните неимари имале решение за овој проблем.

– Градителите на времето оставале отвори од каде што водата ќе истекува, во случај кога Вардар ќе надојде. Водата секогаш надоаѓала, а проблемот исто толку време бил како таа да истече, а не да се исфрла со садови. Старите мајстори оставале отвори преку кои водата се повлекува а да не го повлече ѕидот и куќата да падне – објаснува Кочов, кој овие информации ги добил од неговиот дедо Атанас, кој ја купил куќата од судијата кадија. Тоа била стара фамилија, кој имала голема почит меѓу велешани. Куќата била градена на два идентични дела, кои се огледуваат како на огледало. Тоа најдобро се гледа од спротива, од патот кон Долни Дуќани, од каде што може да се види дека е симетрична, левата и десната се исти. Интересно е што куќата, и двете страни, имале свои бунари.

C08EB38BBF177F48A6C89D549944D300
– Чудно е што иако бевме веднаш до реката, бунарите беа со минерална вода, со вкус киселкав, невообичаен. Со таа вода ги полевавме цвеќињата во дворот и немаа мака, беа бујни и цветни. Водата доаѓаше некаде од високото, од кај Рамина. Ги затрупавме од претпазливост да не падне некој во нив, беа длабоки – додава Благој. Куќата била затоплувана со мангали на времето и затоа има само еден оџак. Има голем број прозорци сите со поглед кон Вардар. И најзначајно е што балконот е со истата железна кована ограда откако е изградена куќата. При изградбата имало внатрешно ВЦ, што тогаш било реткост. Куќи со слична убавина имало во продолжение покрај реката, но нив времето ги оштетило па сопствениците ги преуредиле. Токму поради овој момент, поради куќите кои се до водите на Вардар, Велес им наликува на некои архитекти како македонска Венеција.

Куќата на Касапови е една од знаменитостите на Велес. Освен што е пример на старата градска архитектура, таа е позната како куќата што лебди, оти е изградена на карпа и нема темели. Поради нејзиното значење општината ја купи од сопственици и е преуредена. Но многу малку податоци се познати за нејзината изградба, освен што се знае дека поради сопствениците, кои биле касапи, наречена е куќата на Касапови. Нејзините потомци ја раскажаа историјата на создавањето на овој објект, кој ги мами воздишките на посетителите. Градена е со ист материјал како и црквата „Св. Пантелејмон“, оти се во непосредна близина. Се наоѓа во месноста Долни Дуќани, близу до куќата на Главинов и Џинот.
– Куќата е градена во 1846-та година, започнува да ја гради дедо ми Диме, во исто време кога е градена црквата „Св. Пантелејмон“. Мајсторите што ја граделе биле од Мелница, градена е од камен, кој е носен од близина на „Св. Пантелејмон“, а останал од градбата на црквата. Тие двете се покриени со исти камени плочи кои се донесени од село Попадија, тоа е кај село Извор, ги носеле на биволски две коли, оти биле многу тешки – вели Петар Перков, кој ги раскажува информациите што ги знае од неговиот дедо Диме, сопственикот на куќата. Тој бил касап и со неговата сопруга Марија живееле во местото каде што подоцна била фабриката за ќумци „Вила зора“. Но бидејќи им било далеку да одат секојдневно до кланицата, која била блиску до вливот на Тополка во Вардар, под пругата, попатно нашле место кое било слободно, бидејќи било камен и останало празно, а околу веќе имало изградени куќи. Затоа Димче решил тука да гради.

4437DD1E56E18447853ECB96855CE94C
– Мајсторите не работеле по план или нацрт, туку по кажувањата на дедо ми Диме, како тој барал така се ѕидало, какви потреби имал, така ја изградил. Есента кога се градела куќата, дедо ми имал резерви од 5 илјади оки црно вино и не можел да го продаде, немало интерес. Сите велешани имаат по нешто грозје, прават вино, секоја куќа го има и за да не остане виното да зафаќа простор од старата куќа, да не го селат во новата, ѕидот кој ја обиколувал и штител од улицата е граден со вино, наместо со вода. Така пет илјади оки завршиле во материјал за куќата – открива Петар Перков. Тој до седумгодишна возраст израснал во неа, оти дедо му откако ќе го затворел дуќанот во чаршијата, го земал кај нив. Од него и баба му Марија ги слушнал сите податоци за куќата, изградбата, историјата.
– Изградена е на карпи, нема темели. Од лева страна по влезот имаше ракиџилница, покриена штала каде што ја чуваше стоката која ја купуваше, а беше за колење. Најмногу работа имаа во октомври кога се подготвуваше пастрма и се носеа кози и овци. Долу во приземјето имаше голема ладилница, која беше обложена со два-три прста дрво дабовина. Во неа имаше каци каде што се чуваше пастрмата. Колку голем мајстор беше дедо ми, кажува што и војската во Велес, во Кралска Југославија, ја снабдуваше со месо. Колку пари се потрошени за изградба не знам, оти таков муабет не се правел во наша куќа, ниту дедо ми не кажа, ниту мајка ми знаеше. Таа, Родна беше касап, иако беше жена и помагаше при продажбата на кожата – објаснува Петар, кој живо се сеќава на сите детали за историјата на куќата на Касапови. Најголемото изненадување во 1953-тата го доживеал во чекалницата на аеродромот во Загреб, кога прелистувал весници, при што наишол на текст каде што пишувало за „старата македонска архитектура“ и за куќата која нема темел. Имало фотографии, текст од репортерот за негово големо изненадување, куќата на неговите баба и дедо, за што многу се израдувал. Од куќата има прекрасен поглед кон реката Вардар, кон Адата, Јаниташ. Куќата на Касапови за првпат како вреден објект ја споменува словенечкиот архитект Душан Габријан кога со своите соработници околу 1950-тата вршел проучувања, скицирања и фотографирања на македонската архитектура. Во неговата публикувана дејност таа е запишана како „куќата што лебди“. Габријан запишал дека „ентериерната обработка на просториите била натпросечна, што се должело на материјалната можност на сопственикот. Сите простории биле опремени со вградена покуќнина, раскошно обработени тавани и пластично декорирани врати. Таа со белината и убавината во месноста Долни Дуќани тешко може да се промаши“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *