Човечкото непце, тврдат некои, е најслабо од петте сетила, а тоа ја започна интересната дебата за тоа дали разните познавачи на вино се најобични преваранти и дали целата таа приказна за дегустирање на вина е најобична будалештина.
Статистичарот и љубител на вина Роберт Хоџсон неодамна анализирал низа калифорниски натпреварувања на кои се оценувал квалитетот на вината, а неговиот интерес го побудил фактот што неговото вино на некои натпревари добило златни медали, додека на други добило значително пониски оцени, па дури не ни влегло во конкуренција.
Така, Хоџсон решил да започне мал тест и на истите судии им го дал истото вино три пати по ред, а тие истото вино го оцениле со различни оцени. А, да биде уште поинтересно не станува збор за “некои судии”, туку за најдобрите судии на престижниот и најстар вински саем во Северна Америка.
Во 2001 година, истражувачот Фредерик Брошет повикал 54 експерти за вино да го дадат своето мислење за две “различни” вина. Станувало збор за бело и црно вино, а белото вино било обоено со боја за храна за да изгледа како црно.
Ниеден од 54 експерти не забележал дека се работи за бело вино, а некои од нив дури и кажувале како можат да ги почувствуваат црвеното овошје во него.
Понатаму, во едно истражување во 2006 година на енолозите им било понудено да пробаат врвно вино. Во првиот случај виното им било понудено со етикетата на ценетиот производител, а во вториот со “обичен” производител.
Во првиот случај тие го оцениле виното како “комплексно, балансирано и заокружено”, а во вториот како “слабо, празно, прелесно и лошо”.
Студијата која уште во 1996 година беше објавена во “Journal of Experimental Psychology”, покажува дека експертите не можат да идентификуваат повеќе од 3-4 компоненти заслужни за вкусот на виното, додека повеќето критичари тврдат дека ги чувствуваат 6 или повеќе.
И за крај, анкетата од 2008 година, спроведена на примерок од 6.000 пробувања “на слепо”, покажа дека постои поврзаност меѓу цената и уживањето. Со други зборови, ако сте вински експерт поголема е веројатноста дека ќе уживате во скапите вина, но ако сте “вински аматер”, студијата го покажа спротивното.
Заклучокот од сето ова е следниот – пијте го она вино во кое вие си уживате!