Околу 400 пензионери од Повардарскиот регион денеска беа дел од дваесет и првите по ред Регионални спортски натпревари за пензионерите, кои се оддржаа во Кавадарци. Спортските сили во десетина спортски дисциплини ги одмерија пензионерите од Здружението при градот домаќин, но и од здруженијата од Велес, Неготино, Демир Капија, Валандово, Дојран, Богданци и Гевгелија.
Од името на Здружението на пензионери од Кавадарци, учесниците во спортските натпревари ги поздрави претседателот на Извршниот одбор Ристо Анѓушев, кој меѓу другото рече: „Ни причинува чест што во годината кога се одбележуваат седум децении од пензионерското организирање во Македонија, нашето здружение е домаќин на овие натпревари во спортски игри“.
Анѓушев нагласи дека спортот и рекреацијата се значаен дел од животот на кавадаречките пензионери, зашто го подобруваат квалитетот на нивното живеење. „Токму затоа, му посветуваме големо внимание и затоа, не случајно, постигнуваме добри резултати на спортските мегдани“ – додаде тој.
Пензионерските спортски натпревари за отворени ги прогласи Салтир Каровски, потпретседател на Извршниот одбор на Сојузот на здруженијата на пензионери од Македонија.
„Сите овие пензионери се успешно посветени на здобивање на добра кондиција и перманентен тренинг, кои ќе резултираат со високи спортски резултати и активно старееење во таканаречената трета доба од животот“ – нагласи Каровски.
Тој додаде дека Сојузот кој брои околу 250 илјади пензионери, има илјадници спортски талентирани пензионери, кои најчесто го надминуваат аматерското и рекреативното и се доближуваат до професионалното спортување.
„Покрај кондицирањето и здравиот спортски дух, пензионерите спортисти обезбедуваат подолг и посреќен живот како и побогато другарување и пријателство со пензионерите од целата држава“ – нагласи Каровски.
Стрелаштво, фрлање на ѓуле, трчање, скок од место, влечење на јаже, беа само дел од дисциплините во кои се натпреваруваа пензионерите.