Со урнебесната комедија „Викенд на мртовци“ чија премиера се очекува многу наскоро, продолжува успешната соработка помеѓу Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци и „Мирка Гинова“ од Демир Капија.
Се работи за безвременскиот текст на Миле Поповски кој е делумно преадаптиран на кавадаречки дијалект, со што на добро познатите реплики на една од најиграните претстави во земјата им се дава дополнителна свежина.
„Претставата веќе ја поставивме на сцената и веќе напорно се подготвуваме за премиерата која ја очекуваме некаде во втората половина на месецот. Иако ова е наша прва заедничка соработка со колегите од Демир Капија, кој е исто така аматерски театар, сепак како режисер сум презадоволна од досегашната соработка“ – вели Милица Гочевска, која има двојна улога, и како актер и како режисер.
Големо освежување, особено за кавадаречката публика ќе биде и спојот на актерските екипи од двата театри, составени од веќе докажани и искусни актери, меѓу кои Александар Малинков, Љупчо Настов, Снежана Карова, Валентина Ѓорѓиева, Диме Коцевски, Видан Станоев, Деан Атанасов, Милица Гочевска, Владанка Недева, Симона Богева, Коле Колев, Кристина Сакалиева, Анита Младеновиќ, Димче Бањански, Томе Атанасов и Крсте Мелов.
Судејќи според претходните претстави, комедијата „Викенд на мртовци“ дефинитивно ќе биде по вкусот на кавадаречката театарска публика која и ова лето ќе има можност да ужива во магијата на театарот.