Фондацијата “Тиквешки вински пат” ја вклопува Македонија во Балканска и Европска културна патека. Во тек е правната постапка за регистрирање на новата Балканска културна патека во која членуваат повеќе земји а водилка е токму Македонија. Следен чекор е така сертифицирана, таа да стане 34 по ред културна патека во Европа. За ова денеска информираше Виолета Јанкова, директор на Фондацијата.
„Неодамна заедно со Министерството за култура ја промовиравме Балканската културна патека. Таа во моментов се сертифицира, а Македонија ќе биде нејзин претседател. Со ова државава ќе се потврди како земја со огромно културно наследство кое се однесува на винската култура. Побрзо и поадекватно ќе се брендира Македонија како винска земја. Преку соработката со балканските земји, ќе се понудат заеднички туристички програми и аранжмани. Ќе може да се аплицира и за некои транснационални фондови чија сфера на интерес е туризмот“ – појасни Јанкова.
Таа нагласи дека за сето тоа да се реализира, неопходно е исполнување на многу строги критериуми.
„Но, ние напорно работиме на тој план уште од 2007 година, а резултатите си доаѓаат сами по себе. Деновиве во Литванија се одржа шестиот Советодавен Форум на Советот на Европа, на кој меѓу другото стана збор и за проширувањето на културните патишта, со вклучување на земји од Северна, Источна и Југоисточна Европа. На форумот беше промовирана и Балканската културна патека, преку која во иднина и Македонија ќе го развива туризмот, особено винскиот“ додаде Јанкова.