Јан Гилан, еден од највпечатливите светски вокали, пред вечерашниот концерт со бендот „Дон Ери“ и Македонската филхармонија во Скопје обелоденува дека нема некои посебни барања. Освен што звукот мора да е перфектен, во неговата рајдер-листа инсистира единствено на природни и свежо цедени сокови, многу вода и квалитетно вино.
„Со текот на годините, се навикнав да настапувам со бендови, но да се пее со симфониски оркестар за мене е луксуз и големо задоволство. Ова е навистина фасцинантна фузија и не знам дали и кога повторно би можела да се повтори, бидејќи на секој концерт настапувам со различни оркестри. Со Македонската филхармонија, на пример, ќе имам проба на денот на концертот“, вели Гилан во пресрет на вечерашниот концерт.
Тој додава дека е среќен што ќе може да ги пее најголемите хитови на „Дип парпл“, но и песни што не биле изведени досега, како: „Razzle Dazzle“, „The Unwritten Law“, „Anya“, а исто така на репертоарот ќе се најдат и песни од неговата соло-кариера. Уште една специфика на концертот е тоа што ќе настапи со неговата ќерка Грејс, која е пејачка во групата „Папа ле Гал“, што ќе го отвори концертот во Скопје.