Денеска се оддржа дегустацијата за избор на најдобри млади вина. Изборот го реализираше Здружението на винари од Македонија со седиште во Кавадарци. Заменик претседателот Елена Богева, информираше дека во чест на празникот на млади вина „Божоле нуво”, кој се слави во разни земји од светот, организираат избор на најквалитетни вина од годинешнава берба на грозје.
„Настанот е во чест на денот на младото вино кој се празнува од 1937 година, секој трет четврток во месец ноември. Всушност, ова е наша традиционална манифестација за оценување на новите вина произведени од домашни производители. Ја организираме заедно со Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип“ – рече Богева.
На изборот учествуваа индивидуални винари кои приложија свои мостри на вино од овогодинешната берба.
Дегустацијата е во просториите на дисперзираните студии од Универзитетот “Гоце Делчев” од Штип, а за истата е задолжена комисија составена од стручни лица, енолози.