Избрани најдобрите млади вина од домашни производители

Виното “кабернесовињон” произведено од Сашко Тасев и “темјаника” од Сашко Андов, освоија гран при за најдобро младо црвено и бело вино, на натпреварот кој го организираше Здружението на винари на Македонија. Тасев доби нагарада цистерна од четиристотини литри, а виното на Андов ќе има можност да се дегустира на саем во Штутгарт.

Во конкуренција на шеесет бели и црвени вина произведени од домашни производители, прво место во категорија за најдобро бело вино, освои “темјаника” на Васко Темов. Меѓу црвените вина, најмногу поени доби “мерло” од Блажо Павлов.

Второ и трето место во категорија црвени вина заслужија Ристо Миов и Влатко Митровски, а во категорија на бели вина, Пане Стаменов и Сашко Тасев.

Натпреварот беше организиран од Здружението на винари на Македонија, а оценувањето на мострите вино доставени со шифри, го вршеа стручни лица, универзитетски професори и енолози.

Игно Тасев, претседател на Здружението, информираше дека од година на година расте интересот за традиционалниот избор на најдобри млади вина. Тој додаде дека на натпреварот не се пријавуваат само индивидуални производители на вино од Тиквешијата како најголем винарски регион во Македонија, туку од целата држава.

– Во делот на квалитетот на вината кај производителите кои веќе трета година по ред учествуваат на манифестацијата, морам да нагласам дека се забележува напредок, значи ги прифаќаат нашите совети и секоја година вината се подобри и подобри. Наместо аматери, некои од нив веќе можеме да ги именуваме и како полупрофесионалци, па можат да размислуват и за регистрирање на мини винарии, рече Тасев.

Од година во година, расте и квалитетот на вината. Нагласи дека оваа година црвените вина се многу подобри од белите, иако и во двете категории има одлични вина. Доказ за тоа е и мошне добриот квалитет кај вина “смедеревка”, а особено кај оние од мускатните сорти на бело грозје.

Елена Богева, заменик претседател на Здружението, исто така изрази задоволство од интересот на винарите за овој настан и нагласи дека радува фактот што покрај од Тиквешко, има квалитетни вина и од други вински региони.

– Не само што ќе продолжиме со ова во иднина, туку и на нивно барање ќе организираме предавања за лозарство и винарство, да може да си ги подобрат своите производи, додаде таа.

Манифестацијата беше организирана заедно со Земјоделскиот факултет при Универзитетот “Гоце Делчев” од Штип, а со поддршка на неколку компании.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *