Десет години постоење одбележа денеска Фондацијата „Тиквешки вински пат”. Јубилејот кој беше одбележан пред многубројните гости од земјава и странство беше искористен да бидат промовирани десет нови туристички производи.
Честитајќи го јубилејот, кавадаречкиот градоначалник Александар Панов посака многу успешна иднина не само на луѓето кои ја поддржуваат оваа фондација, туку за сите оние кои крај неа можат да ја најдат својата иднина и заеднички да реализираат проекти.
„Кога имаме ваков јубилеј, јасно е дека фондацијата е на вистински пат да се реализираат уште нови проекти“ – нагласи Панов.
Директорката на „Тиквешки вински пат” Виолета Јанкова потсети дека на почетокот имаше и такви кои со скепса гледаа на работата на фондацијата.
„Но со упорност и волја се постигнува се, направивме прв музеј на вино, прв туристички информативен центар во Тиквешијата во Неготино, прв тренинг центар, претходно со факултетот за туризам направивме истражување на 148 субјекти од областа на туризмот и увидовме дека е потребна доедукација на кадри во туризмот“ – нагласи Јанкова во своето обраќање.
Во продолжение, таа најави дека од наредната година со помош на мрежата на винските патишта на Европа и академијата за туризам, почнуваат со доедукација заедно со факултетот за туризам, во простории најверојатно во Кавадарци или во некоја од општините во Тиквешијата.
Пане Андов како сопственик на неготинската винарија „Пивка”, потсети дека почетокот беше малку деликатен, но првите резултати дојдоа за две години, а трагите од овој проект остануваат засекогаш.
Ректорот на битолскиот универзитет Саше Коруновски рече дека „ваквите годишнини се моменти кога се вртиме наназад и можности кога со задоволство велиме дека сме поминале десет години по пат кој вредел да се измине”.
„Вински пат кој не значи само почит на виното, туку на една култура што ја негувал овој регион и која треба да му се понуди на другите. Ние сме денес од разни региони, но сите со душа и срце го чувствуваме пулсирањето на „Тиквешки вински пат”, нагласи тој.
Следуваат тест тури, за потоа овие туристички производи да бидат промовирани надвор од државата, заедно со Агенцијата за развој на туризам.