Тиквеш руши рекорди во освоени медали за своите вина

Вината на „Тиквеш“ донесоа нови успеси од два светски натпревари. Трите вина на Винарската визба „Тиквеш“ кои учествуваа на реномираниот вински натпревар во Австрија – Austria Wine Challenge – Vienna 2017, освоија медали. Во конкуренција од над 12000 пријавени вина од 40 земји, златен медал освои белото вино на „Тиквеш“ Grenache Blank Special Selection (Гренаш Бланк Спешал Селекшн) од бербата 2016, а сребрени медали добија црвеното вино Alexandria Cuvee (Александрија Куве) берба 2015 и белото вино Temjanika Classic (Темјаника Класик) 2016.
Истовремено, на најголемиот вински натпревар што се одржува на азискиот континент – Decanter Asia Wine Awards 2017, сребрени медали освоија две црвени вина на „Тиквеш“ – Barovo (Барово) и Alexandria Cuvee (Александрија куве) од бербата 2015, а бронзен медал освои Domaine Lepovo Grand Cuvee (Домен Лепово Гранд Куве), берба 2015.
Со најновите медали од винските натпревари во Австрија и Азија, вкупната бројка на освоени медали за вината „Тиквеш“ и „Домен Лепово“ на престижни светски вински натпревари оваа година се искачи на 60, што претставува рекорд, не само за „Тиквеш“, туку и за сите останати производители на вино во земјава и поширокиот регион.

FOTO_Domain-Lepovo_medal_2-e1507111610262
„Во последните неколку години бројката на медали и високи признанија што ги освојуваат вината на „Тиквеш“ е во постојан пораст и надминува 50 годишно. Секоја година имаме поголем успех во споредба со претходната, така што и годинава во споредба со изминатиот период освоивме рекорден број медали. Иако станува збор за импозантна бројка, сепак, уште поважно е што овие медали се освоени на престижни меѓународни вински натпревари со исклучително високо реноме. Ваквиот успех нѐ прави особено среќни затоа што покажува дека врвните светски познавачи и оценувачи на вина го препознаваат континуитетот во одржувањето на највисок квалитет на вината произведени во „Тиквеш“ и „Домен Лепово“. Ова е особено значајно, особено за вината во премиум сегментот“, вели генералниот директор на „Тиквеш“, Радош Вукиќевиќ, потенцирајќи дека ваквиот успех отвора можности за зголемување на извозот на вино во шишиња и истовремено придонесува за јакнење на реномето на целата македонска винска индустрија, што е една од стратешките цели на „Тиквеш“ како нејзин предводник.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *