Традицијата за одгледување на винова лоза и производство e стара околу 6000 години, но кои се пресвртните моменти за виното да стане тоа што е денес. Според археолошките докази, најраното познато производство на вино направено од ферментирано грозје е од доцниот Неолит или раниот Енеолит, веројатно порано од почетокот на шестиот милениум пред нашата ера, помеѓу Кавказ и Блискиот Исток. Со индиции за винарство во различни предели кои датираат пред нашата ера, од 6000 години во Ерменија, 5000 години во Иран, и 4 100 години пред нашата ера во Грузија. На Балканот производството на вино се појавува околу 4 500 години пред нашата ера. Во Македонија производството на вино, има свои корени уште од 13 век пред нашата ера. Старите Македонци правеле вино од грозје кое го одгледувале и го мешале со мед бидејќи шеќерите помагале во неговото сочувување. Виното го чувале во питоси во кои налевале маслиново масло на врвот за да се сопре дишењето. Потоа ги закопувале во земја за да остане ладно и да зрее соодветно. За време на Римската империја Македонија била еден од најпознатите региони за одгледување грозје во Империјата.
Од шест познати садови за вино – кратери во светот, три се пронајдени токму во Демир Капија. Култот кон виното го негувале и почитувале и Античките Македонци и царот Самоил, па дури и за време на Отоманската империја наместо грозје за вино, се саделе лозови насади со црвено грозје од кое се добивало суво грозје а се подготвувал и маџун, односно виномед.
Лозарскиот крај во Македонија ги има сочувано своите автентични корени. Се уште се негува традицијата во секое семејство да има бочви, буриња со вино, казани за варење ракија и ракија за своја душа и за веселби. Се верува дека виното е лек за телото и за душата и се препорачува да се пие по една чаша на ден.
Како што се развивала цивилизацијата така виното се чувало во питоси, па дури подоцна во буриња и во бочви. Се уште по домовите од овој крај можат да се најдат примероци од рогови од стока, специјално обработени од кои некогаш се пиело виното.
Сепак, производството на вино својот најголем развој го доживува во 16 и 17 век кога се случува пресврт во начинот на неговото производство и чување. Имено, во 1622 година, англискиот пронаоѓач Дагби го патентира својот пронајдок – стакленото шише и со тоа значително ја менува историјата на винарството. До тогаш виното главно се чувало во обични буриња и во сошиени кожи кои не давале можност тоа да трае подолго време. Со складирање на виното во шише и со воведување на задолжително чистење на садовите за негово чување со сумпур, во 1700 година, виното почнува да „живее подолго“ и во тоа свое созревање да ги менува квалитетно своите својства. Воедно уште еден голем пронајдок од тоа време ја одредува насоката на развојот на винарството и трендовите за вино. Во почетокот на 18 век, Бенедиктанскиот свештеник Дом Перињон во садот за производство на вино создава “магија“ од меурчиња и го поставува Шампањот во самиот врв на светските вина.
Се понатаму е историја.