Канаѓанецот Даниел Мекдаф многу буквално ја сфатил онаа „биди промената што сакаш да ја видиш“, па отишол во другата крајност – ситничарење.
Додека летал за Куба, очекувал да го послужат со скапо вино од францискиот регион Шампањ (шампањско, нели). Арно ама, компанијата му послужила нешто друго.
Од авиокомпанијата Sunwing се жалат дека Мекдаф многу буквално ги има сфатено и нивните промо материјали, во кои ветуваат „шампањски одмори“ и „шампањска услуга“. Велат дека со тоа сакале да го опишат степенот на услугата што ќе ја добијат патниците, а не конкретното вино. Затоа тужбата на Мекдаф ја сметаат за несериозна.
Неговиот адвокат, од друга страна, го брани дека не се работи за ситничарење, туку за обид да се укаже на пораката која им се праќа на потрошувачите. „Ако планирате да ги намамите клиентите со тоа што нешто ќе промовирате, а на крајот тоа не им го овозможите, тогаш не сте чесни“.
На крајот Sunwing ја свитка опашката и го избриша секое спомнување на „шампањско“ од своите промо материјали. Уште служат пенливо вино.