„Винодонија 2018“ по трет пат ги оправда очекувањата на сите оние за кои виното е многу повеќе од пијалок. Освен што можеа да се дегустираат различни вина од домашни и странски производители и да се научи нешто повеќе за виното, присутните имаа можност да разговараат и директно со самите производители на виното. Можноста да разговараме со винариите ја искористи и тимот на винотика.мк кој направи интервјуа со најголемиот дел од учесниците на винскиот салон кои ќе бидат објавени во наредниот период. Четвртото интервју од овој серијал е со винаријата Стоби која за 9 години постави нови стандарди во винскиот свет во Македонија, притоа успевајќи да ги освои врвните вински критичари од Кина до Америка.
vinotika.mk: За почеток, полека испраќаме година не можеме да ја оцениме за лоша ако земеме во предвид дека влијателниот американски весник Вашингтон Пост пишуваше за вината на Стоби, еминентниот вински магазин “Wine Advocate” на еден од најценетите вински критичари Марк Скваерс пишуваше за врвните вина на Вашата винарија. Од наша перспектива, имавте фантастична година, но како Вие од внатре ја видовте 2018та година?
Стоби: Па, 2018 ќе биде запаметена како добра година. На почетокот имавме малку проблеми со временските услови, знаете винарија Стоби има 600 хетари лозови насади, и е една од ретките винарии со толкав капацитет на површина на лозови насади, па првиот приоритет ни е заштитата и огледувањето на самите лозови насади, а самата грижа за нив е основа за вина со врвен квалитет. Се разбира, секогаш годат позитивните коментари од страна на највлијателните светски вински критичари, но секако тоа е плод на континуираната работа и инвестирање во сите фази на производството, најпрво на грозје, а потоа и на вино.
vinotika.mk: Годинава во фокусот на светските критичари беа вината Ркацтели и Розе…
Стоби: Да, Ркацтели, Розе, но не би го пропуштил ни виното Аминта, кое повторно го сврти интересот на јавноста врз себе. Секако не смееме да го заборавиме и Вранецот, кој е наша гордост.
vinotika.mk: Едно од најинтересните прашања кои секој новинар кој барем малку е навлезен во светот на винарството би сакал да му го постави на човек кој доаѓа од винаријата Стоби е прашањето за комплетната персонална трансформација која ја направи винаријата, во речиси сите сектори, но тоа помина незабележително, без никакви падови во квалитетот, што во која друга компанија би биле за очекување?
Стоби: Успехот од оваа трансформација е што успеавме да примиме се она што е добро од претходното, и да се додаде она што ние како млади, иновативни луѓе го имаме стекнато како знаење. Сега енолозите во Стоби се на возраст од некои 35 години, значи зборуваме за млади луѓе кои студирале низ најпознатите вински региони низ светот, и целото нивно стекнато знаење можат да го комбинираат со се она што како услови за работа ги нуди винарија Стоби, а зборуваме за најсовремената технологија за производство на вино набавена во 2010 година од Италија, врвни буриња…
vinotika.mk: Каде е Стоби на пазарот?
Стоби: Со 600 хектари лозови насади и производство на 4,5 милиони литри вино Стоби припаѓа на винарии од средна категорија на капацитет во Македонија. Она што не прави посебни секако е константното подобрување на тимот со иновативни луѓе, новата технологија, користењето на нашите лозови насади и регионот кој има одлично поднебје. Покрај нашиот квалитет, огромно влијание има и нашиот маркетинг сектор, кој се труди секој човек, секоја индивидуа да може да си дозволи да го проба секое наше вино, па дури и она кое е најскапо.
vinotika.mk: Капацитетот од 4,5 милиони литри е речиси 20 проценти од вкупното производство на вино кое го има Македонија на годишно ниво. Која е долгорочната
Стоби: Винаријата Стоби има секогаш простор да го прошири својот капацитет. За тоа најмногу зависи експортот, односно извозот. Веќе почнавме да го пласираме нашето вино во Кина и во Русија. Во Кина веќе имаме три ексклузивни продавници во кои се продаваат само наши вина. Имавме неколку одлични промоции во Соединетите Американски Држави, каде што добивме позитивни критики и за Розе, и за Ркцатели, и за Вранец и секако за Пино Ноар, што не е само добра презентација за Стоби, туку и за винска Македонија воопшто.
vinotika.mk: Кина, Русија, Америка… Зборуваме за огромни пазари, кои освен квалитетот бараат и сериозен капацитет на производство. Има ли, не само Стоби, туку Македонија капацитет да задоволи толку огромни пазари, со фантастично силна конкуренција?
Стоби: Се разбира треба да го прошириме капацитетот за да ги задоволиме овие пазари каде бројката на консументи е неколку милјарди. Кина веќе прави вистински бум во винската индустрија, се отвораат винарии, се купуваат винови насади низ целиот свет, се посадуваат нови, така да правецот на винската индустрија во моментов е насочен кон далечниот исток.
vinotika.mk: Следната година Стоби ќе го прослави првиот голем јубилеј, 10 години постоење. Ќе понудите ли некоја специјална едиција по овој повод?
Стоби: Не би сакал премногу да зборуваме за тоа. Да оставиме нешто за изненадување. Секако, се работи а една сериозна бројка, прв поголем јубилеј, и ќе ни биде драго доколку разговараме на оваа тема пред самата прослава.