Ова е време на празнични наздравувања, за ритуални процесии и за радосна пораки за добро здравје и помалку грижи. Главната улога, се чини, ја има чашата добро вино.
Клиничкиот психолог во прилепската градска болница Јован Велески, сите знаат, е и психотерапевт во клубот за лекувани алколхоличари. Но, ретко кој знае е дека е пасиониран производител на доброто вино. Во домашната визба чува вино старо и 55 години, има сопствено произведено вино, но и вино од, речиси, сите краишта на светот. Среде визбата со бочви вино од семејното лозје и сред колекцијата вино од цел свет, Велески со страст ја раскажува приказната – какао почнала пасијата за добро проиведеното вино. Оти, за него лозјето е „доктор Виноградски“.
-Јас сум ортодоксен спортист. Од мал се занимавам со спортот и тој ми е привилегија. Но, во 1978 година татко ми, лекар по професија, реши да насади лозје, заедно со неговиот другар, агроном. И наместо мало лозје, насадија два декари со 475 лозови прачки. Им беше потребна помош од целото семејство во подигањето на лозјето. Уште од 19-година возраст се занимавам со одгледување на лозјето и со правењето вино. Сето тоа стана дел од мојот живот постепено, како што завршуваше спортската кариера, така јас станав „зависник“ од лозјето. До денеска, лозјето го нарекувам „Доктор Виноградски“. Зашто, таму одам да се одморам, одам на рехабилитација, за потоа да може да го продолжам работниот век. Инаку, јас сум клинички психолог во прилепската болница. И еден од ангажманите ми е лекувањето на луѓето кои се зависници од алкохолот, вели Велески.
Линијата помеѓу психологијата на правењето на виното и лекувањето на луѓето е многу тенка и сака многу баланс. Најголем ангажман, вели Велески, му е да ги научи луѓето, кои се зависници, да не пијат, да бидат апстиненти, а оние кои пијат, да пијат одговорно и умерено, во функцијата на здравјето.
-Досега, во мојата аматерска кариера во винарството и лозарството, не сум сретнал тема која се занимава со психологијата на виното. А секогаш има филозофија во виното. Од Плутарх, до ден денес. И Хипократ, и Виргилиј, ги имаат тие филозофски компоненти. Една од најдобрите антички изреки е дека виното е еден од најсвежите пијалаци, најздравата храна и најблагиот лек. Проблемот е што во виното има алкохол кој, пак, го прави вистинскиот проблем кај луѓето. Сите други супстанции , на свој начин, имаат свој квалитет во однос на здравјето на човекот. На пример, ако изедете цела тегла мед, сигурно дека ќе се разболите. Но, ако изедете една лажичка, ќе добиете на квалитет на секојденвниот живот. Така е и со виното, објаснува Велески.
Виното содржи од 650, а некои велат, и до 1000 елементи, кои, пак, во себе содржат еден мал микрокосмос. Тоа, пaк, му дава посебен персоналитет на виното. Велески го почитува традиционалното винарење со кое 54 насто се занимаваат во Македонија.
-Јас се одлучив да се занимавам со оваа проблематика со тоа што ќе го почитувам традиционалното винарење, најмногу поради традиционалната изрека: „Една чаша вино е лек, две се здравје, а три чаши вино се болест“. Традиционалното винарење подразбира да си се занимаваш со себе си, со своите вкусови, со своите потреби, да правиш вино за своја душа и тоа да го правиш на натурален, а не на комерцијален начин. А тоа бара многу знаење. На комерцијалните портали се форсира психологијата на сензорните способности и карактеристики на призводителите на виното. Но во маркетингот, секогаш има илузии. Ако зборуваме за психологијата на виното, тогаш треба да правиме разлика на три компоненти: на психологијата на самото вино, на психологијата на оној кој го призведува и на психологијата на оној кој го консумира виното. На средина е виното, размислува Велески.
Виното е како жива материја, резонира вљубеникот во виното, Велески. Сoдржи многу микроорганизми кои континуирано се развиваат и прават промени на виното. Значи, виното има осет, перцепција и виното – памети.
-Ако земете една чаша вино, и ако сте добар познавач, можете во него да забележите како тоа вино е направено, колку врнежливи или сончеви денови имало во годината, дали периодот бил сушен, или се појавиле болест или стрес. Сѐ е предуслов за да се направи добро грозје, што сака секој винар. А оттука да се направи добро вино. Секој винар мечтае за ова. Сето ова може да се констатира од течноста која ги памети сите овие работи. Дури ги памети и грижата и негата на винарот; кој се грижел за лозјето. Зашто, виното е како мало дете. Бара секогаш сѐ да се направи навреме за да биде квалитетно.
Генерално, виното содржи многу елементи: полифеноли, алдехиди, минерали, витамини… Сите може да бидат корисни, ако се внесе мала доза која изнесува, околу 1,3 децилитри за жените, и два до три децилитри за мажите дневно. Генерално, црното вино е поквалитетно. А Македонија е на врвот во квалитетот со регионите.
-Од 2006 до 2014 година се правени испитувања на вина во однос на антиосидационата активност во Институтот за нуклеарна микробиологија „Руџер Бошковиќ“ во Загреб, Хрватска. Испитани се околу 200 мостри на вино од целиот свет на квалитетни вина и знаете ли кое вино е најдобро? – Виното од регионот на Дисан, Неготинско. Антиоксидационата активност на виното од Дисан е речиси двојно поголема од сите познати светски вина. Значи, Mакедонија, особено Повардарието е „страшен регион“. Тоа го имаат и регионите на Пељешац, Хрватска и во Херцеговина. Едни од најдобрите региони во светот за виното. Тие го подобруваат метаболизмот кај човекот и се препорачуваат против одредени заболувања. На пример, на советувањето на ендокринолозите од Италија, Хрватска, Унгарија и од Австрија, од пред речиси две години, се утврди фактот дека кај некои пациенти е благонаклоно да земаат црвено или бело вино, вели Велески.
Велески, речиси 40 години се занимава со оваа проблематика. Вели, зашто виното ја јасни интелигенцијата, а не ја гасне жедта на човекот. Давa ширина за да го спознаеш светот на подруг начин.
-Имам вина од речиси целиот свет. Во суштина станува збор за социјалната компонента на виното. Виното ги поврзува, ги конектира луѓето. Збирката е од луѓе кои и некои сега не се живи, а некои се познати и спортисти. Виното, во суштина, е нова перцепција, за секој што го познава. Спознавајќи го виното, ги спознавате својата историја, географија, како луѓето за тоа се грижеле, нивните навики, животен стил. Поседувам околу 2 500 шишиња од различни светски региони. Имав и до 4 000 различни шишиња вино. Поседувам вина кои ми ги подарувале луѓе кои ги нашле во подрумите на своите дедовци. Имам вино што го правел Македонец, кој се иселил од Гевгелија, а живеел во Молдавија во 70-ите години. Имам вина од ориз во Кина. Имам роднина кој живее во Орлеан, Франција и секогаш носи вина од Бордо. Во секој случај, виното, отсекогаш е духовна компонента. Се служело при духовни ритуали, религиски, на дворовите на царевите, го произведувале обичните луѓе. Токму тие вина ми се најавтентични, прозиведени од обичниот човек, раскажува Велески.
Приказната за виното ја вбројува земјава во врвот. Македонија е земја која има „страшен“ потенцијал за призводство на вино, но нема доволен контингент на лозја. Европската Унија ограничува и контингент на вино, и контингент на лозја. Секоја лозова прачка од светски познатите сорти ако се насади во Македонија, веднаш се приспособува и добива специфичен квалитет на нашето поднебје и на нашето сфаќање. Во Македонија 54 насто од виното е домашно, традиционално прозведено што го фасцинира Велески.
-Во екс-ју просторите имаше шест-седум винарии. Сега во Македонија има околу 80 квалитетни винарии кои се борат да бидат квалитетни на пазарот. На меѓународните натпреварувања, македонските вина се присутни и речиси секогаш добиваат награди. Виното се продава и на Запад и на Исток. Сега, е престижно да се продава во Кина.Таму имаат посебен однос на подарувањето на шише вино. Од целото призводсво на вино во Македонија, околу 54 отсто е од домашно призводство. Тоа е делот на традиционалното винарење што најмногу ме фасцинира и е најблиску до психологијата на конзументот. Комерцијалната винарија користи технологија за правење вино, но традиционалното призводство е посебно. Уште е силно домашното производство, смета Велески.
Има два вида дегустација на вино. Највисоката школа на сомелиери е во Лондон. Професионални, високорангирани сомелиери во светот се околу 28. Според Велески, вкусот на виното треба да го следи мирисот. И бидејќи е време е на празници, наздравување, пиење вино, Велески, со препорака.
-Кога користите вино, пијте умерено и квалитетно. Не секогаш цената го оправдува квалитетот. И секогаш треба да оди со храната. Виното треба да биде дел од расположението, дел од она што најмногу ви се допаѓа. Но секогаш умерено, во мали количества, порачува Велески.
Празниците носат пиење. Да не се меша со ништо. Најбитното е: виното да се пие за да се ужива, а не да се опијани човекот.