Уште пред историјата да почне да се пишува, виното било задолжителен дел од трпезата на царевите, кралевите, водачите на народите. Ставено на рангот на божество, виното отсекогаш имало посебен статус, па многумина сакале да ја наметнат и власта над него. Ова особено важи за римскиот цар Домицијан, кој во првиот век на нашата ера, сакал да го ограничи винарството, со воведување на закон, кој дозволувал садење на квалитетна лоза само на лозјата на Апенинскиот полуостров.
Тоа се променило два века подоцна, кога на власт дошол унгарецот Проб. Проб или Пробус како што може да се најде низ историските книги уште мал се запознал со лозарството и винарството. Неговиот татко кој бил по потекло унгарец имал лозови насади во Панонската низина, во близина на Сремска Митровица, каде што е роден и Проб. Кога во 276 година станал римски цар, Проб веднаш ја укинал одлуката на царот Домицијан, и наредил лозјата да се обноват.
Проб е исклучтелно ценет и во Франција каде уште го нарекуваат ’татко’ на повеќе од десет сорти винова лоза, иако малкумина ја знаат неговата поврзаност со виното.
Освен како голем љубител и почитувач на виното, Проб бил и одличен стратег и војсководец, па во времето на неговото владеење тој успеал не само да го зацврсти римското царство туку и да ги прошири неговите граници.