Во светот постојат 5000 вински сорти на грозје, запознајте ги најпознатите

Се верува дека денес во светот постојат речиси 5000 вински сорти на грозје.

Во Македонија покрај веќе познатите вински сорти кои се одгледуваат со векови наназад, од година во година се засадуваат најразлични интернационални сорти со што се зголемува присуството на нови вински сорти грозје кои одлично успеваат во нашава земја.

Како не е можно да ги наведеме сите вински сорти грозје кои постојат во светот, ќе се задржиме на оние кои се најпознати во светски рамки, како и оние кои се најбитни за македонското лозарство и винопроизводителство.

е црвена сорта која почнала да се одгледува во Франција пред околу 150 години како резултат на вкрстување на Петит буше и Гранаш. Аликанте е грозје со црвено тело (тн.тентуриер грозје) и поради својата темна боја, многу често се користи за мешање со посветли црвени вина. Аликанте буше е сорта која дава огромни приноси и поради ова не дава квалитетни едносортни вина, па затоа најчесто се користи за правење купажи. Се одгледува и во Македонија.

Аљанико

е црна сорта грозје која најмногу се одгледува во Италија, а потекнува од Грција. Вината кои се добиваат од оваа сорта се со полно тело, многу танини и висок степен на киселини, кои на виното му даваат голем потенцијал за чување. По само неколку години зреење, вината од оваа сорта грозје развиваат буке на кафе и кожа. Аљаникото од неодамна се одгледува и во Македонија.

Барбера

е стара италијанска црвена сорта грозје и од 2000-та година е третата најодгледувана сорта во Италија (по Санџовезе и Монтепулчано).  Вината добиени од оваа сорта се со висок степен на киселини и имаат речиси виолетова боја која е нестабилна, но може да се стабилизра со барикирање за да се зголеми степенот на танини. Вака добиените вина се со ароми на црна слива, зачини, цреши и рибизли.

Вранец

е стара црвена сорта која е автохтона за Република Македонија, Србија и Црна Гора. Во Македонија се смета за најбитна сорта грозје и е застапена со речиси 70% од сите црвени сорти кои се одгледуваат. Зборот вранец значи црн пастув, име кое го опишува ова грозје. Младите Вранци  имаат светло виолетова боја и мирис на црвени боровинки и овошен мармалад со многу јаки танини. По неколку години зреење, бојата  преминува во темноцрвена рубин/црна боја и се развива комплексна арома која потсетува на чоколадо, црно овошје и цимет, при што вината ја губат својата острина, развивајќи долг и свилен послевкус. (Витач е алкохолен пијалок кој се добива од сортата Вранец).

Гаме

(француски: Gamay) е црвена сорта грозје и воедно една од најстарите познати сорти. Гамето има лушпа со црвена боја и изразито бело месо на гроздот. Се верува дека е донесена во Далмација од Франција во III век, а во XIV век најмногу се одгледувала во Бургундија. Денес, најмногу се одгледува во Франција, регионот Бежоле, каде е застапена со 99% . Вината од оваа сорта се со црвена боја, лесно тело, висок степен на киселини и изразит мирис на гмечени јагоди и малини, цветни ноти на јорогован и темјанушки. Доколку се остават да зреат некое време, развиваат мирис на вишна, црн бибер, сушени бобинки како и креда.

Жилавка

е бела сорта грозје која најмногу се одгледува во пределите околу Мостар во Босна и Херцеговина. Вината добиени од оваа сорта грозје се со жолтеникаво-зелена боја и се познати по својата арома на крем од ореви и цитрус. Жилавката се одгледува во Македонија.

Жупјанка

е бела сорта грозје која е создадена со вркстување на Прокупец и Црн Бургундец. Оваа сорта е карактеристична по тоа што содржи повеќе јаболчна отколку винска киселина. Вината добиени од оваа сорта грозје се со светло жолтеникаво боја, со овошни ароми. Жупјанката се одгледува во нашава земја.

Зинфандел

е црвена сорта грозје која генетски е подеднакво иста со хрватскиот Црљенак каштелански и италијанското Примитиво. Оваа сорта во Калифорнија е застапена со 10% од сите црвени сорти кои се одгледуваат во калифорниските виногорја. Вкусот на вината од оваа сорта зависи од степенот до кој тие се зреени, како и различниата клима и тероар, па може да даде ароми на малина, капина, јагоди, цреши, па дури и на тутун, анасон и бибер.

Каберне совињон

е една од најраспространетите вински сорти во светот, од причина што успева на различни поднебја. Најпозната е како основа за  вината Бордо, каде што се меша со Мерло и Каберне франк. Аромите на оваа сорта многу зависат од зрелоста на грозјето за време на гроздобер. Каберне  совињон е идеално за зреење во дабови буриња, бидејќи дрвото не само што ги смирува природните танини туку и аромите на ванила и зачини  што ги има во дрвото ги надополнуваат природните ароми на црна рибизла и тутун, кои се карактеристични за ова грозје. Оваа сорта е се повеќе распостранета и во земјава.

Каберне франк

е црвена сорта грозје која потекнува од Франција и е една од најзастапените во светот. Токму со вкрстување на оваа сорта со Совињон блан е настаната сортата Каберне совињон. Ова грозје се одгледува насекаде во Европа, САД, Австралија, Чиле и Аргентина. Најпознато е по тоа што се меша со Каберне  совињон и Мерло во вината кои се произведуваат во регионот  Бордо. Вината од овааа сорта се со посветла црвена боја, а кога се меша со други сорти допринесува за дополнителните ароми на парфем, бибер, и во зависност од регионот каде се одгледува може да има ароми на тутун, малина и црна рибизла, па дури и темјанушки. Каберне франкот се одгледува и во Македонија.

Кадарка

е црвена сорта грозје. Најраспространета е во Унгарија, од каде што се верува дека и потекнува. Во оваа земја е позната како главна состојка на унгарското куве, познатиот Егри бикавер, а во Бугарија оваа сорта е позната како Гамза. Вината добиени од Кадарка се одликуваат со средна боја, лесни се за пиење, хармонични, со мека овошна арома. Кадарката најмногу се користи за блендирање. Се одгледува и во Македонија.

Карменере

е црвена сорта грозје која најпрво била засадена со Медок регионот во Бордо. Денес, најмногу се одгледува во Чиле каде е најраспространета, а исто така и во САД и Италија. Виното добиено од Карменере има интензивна црвена боја. Аромите се на црвени овошја, зачини и боровинки, со помеки и поблаги танини од каберне совињонот. Карменерето најмногу се користи за блендирање. Чистото вино добиено од оваа сорта најдобро е да се пие младо. Мал број на винарии во Македонија ја имаат засадено оваа сорта.

Кратошијата

е локална балканска сорта. Најновите сознанија во врска со нејзиното потекло докажаа дека генетскиот профил на кратошијата е ист со оној на Примитивото односно Зифанделот или Црљенак каштелански. Денес најмногу се одгледува во Црна Гора и Хрватска. Вината кои се добиваат од ова грозје се со темна,  речиси црна боја, а густината на виното е  како на моторно масло. Поради високиот степен на шеќери во грозјето, вината добиени од ова грозје се со висок степен на алкохол кој достигнува до 17%. Во Македонија нема чисти насади од оваа сорта туку ја има во насадите заедно со вранецот, како негова пратечка сорта.

Малбек

е црвена сорта чии гроздови имаа темна, речиси виолетова боја и содржат многу танини. Малбекот е позната како една од шесте сорти кои се одлгедуваат во регионот Бордо во Франција. Како едносортни вина, вината добиени од Малбек се со темно виолетова боја, меки танини, понизок степен на киселини и ароми на црна рибизла. Најчесто Малбекот се меша со други сорти како Каберне совињон и Мерло, а совшен пример за ова се вината од регионот Бордо.

Малвазија

е сорта грозје која најмногу во минатото се одгледувала во медитеранските земји, Канарските острови, Мадеира, а денес и во останатите винкси региони во светот. Се верува дека оваа сорта потекнува од Грција. Младите бели вина добиени од белите сорти на Малвазија се со со полно тело, ароми на праска, кајсија и бела рибизла, додека младите вина добиени од црвената сорта на Малвазија се со чоколадни ароми.

Мерло

е црвена сорта  грозје која се одгледува во целиот свет и е трета по распространетост. Мерлото се користи како грозје за блендирање (Бордо) и за добивање едносортно Мерло. Вината кои се добиваат од ова грозје вообичаено се карактеризираат со средно тело, но со интензивна арома на боровинка, јагода, слива и рибизла. Македонските Мерлоа се одликуваат со полно тело.

Монтепулчано

е италијанска црвена сорта грозје. Вината добиени од оваа сорта се со темно црвена боја, благи киселини и со висок стене на алкохол. Во Македонија само една винарија произведува вино од оваа сорта.

Мускат хамбург

исто познат како Црн мускат, е член на големата и надалеку позната Мускат фамилија. Црната сорта на ова грозје најчесто се наоѓа во јужните делови на Балканот. Мускат хамбург има карактеристична арома на чоколадо и цитрус. Застапена е и во Македонија.

Мускат Отонел

е бела сорта грозје која потекнува од Алзас, Франција и е член на Мускат фамилијата. Во Австрија и Хрватска е најпозната како сорта од која се прават десертни вина. Вината добиени од ова грозје се со лесно тело и среден вкус и имаат овошни ароми на бозел, цитрус и бели цвеќиња. Оваа сорта се одгледува во Македонија.

Небиоло

е црвена италијанска сорта  грозје, најпозната во регионите Бароло и Барбареско. Од ова грозје се добиваат вина со светлоцрвена боја, кои уште како млади содржат висок степен на танини и карактеристичен мирис на катран и рози. Како што стареат, развиваат овошни ароми. Во Македонија оваа сорта се користи само за блендирање.

Петит вердо

е црвена сорта грозје, која најмногу се користи во Бордо блендовите. Танините му даваат темноцрвена боја и арома на пиперка и зачини. Зрее доцна и поради тоа е идеално за одгледување во Македонија. Грозје кое ќе има одлична иднина во земјава

Пино гриџо

или Пино грис е бела сорта грозје која е брат-близнак на Пиното ноар. Вообичаено се карактеризира со сивкасто-сина боја, која е одлика на името. Вината добиени од оваа сорта се разликуваат по боја која варира од бакарна па до светлорозова. Мирисот и вкусот на виното се малку пикантни со ароми на бело овошје и со низок степен на киселост. Пино гриџо се одгледува во Македонија.

Пино ноар

е црвена сорта грозје која потекнува од регионот Бургундија. Денес оваа сорта се одгледува насекаде во светот, а воедно е е една од најтешките за одгледување. Вината добиени од Пино ноар се сметаат за едни од најпрефинетите вина. Се одликуваат со светло црвена боја, лесно до средно тело, ароми на цреши, малини, рибизли, до оние на печурки, земја и кожа, со дополнителни ноти на цимет, каранфилче и тутун. Пино ноарот дава одлични вина во Македонија.

Плавац мали

е сорта грозје добиена со вкрстување на Зинфандел и Добричиќ. Ова грозје најмногу се одгледува долж брегот на Далмација во Хрватска. Познатите Дингач и Поступ се добиваат од ова грозје. Се одликува со арома на капини, цреши, пиперки и зачини.

Примитиво

е црвена сорта грозје кое потекнува од „чизмата“ на Италија каде што е и најпозната сорта. Примитивото е речиси идентично со Зинфанделот кој е најраспространет во САД. Ова грозје дава јако црвено вино, со степен на алкохол кој најчесто надминува 15%. Бојата на овие вина е  речиси црна, а аромите кои ги дава потсетуваат на капини, бибер и анасон.

Прокупрец

или Прокупец е црвена сорта  грозје која потекнува од Србија. Се користела за добивање темно розе. Одлика на ова грозје е високиот степен на шеќери. Вината се со рубин црвена боја и многу често содржат арома на  цреша,  а понекогаш и на кисела цреша. Прокупецот се одгледува и во Македонија.

Ризлинг

е бела сорта која потекнува од долината на реката Рајна во Германија, па познат е и како рајнски ризлинг. Се смета за трета најбитна бела сорта по шардонето и совињон бланот и е 20-тата најраспространета сорта во светот. Најчесто се одгледува во поладните вински региони. Вината добиени од оваа сорта се со светло жолто-зеленикава боја, имаат висок степен на киселини, доста се ароматични, со сладок вкус, ароми на мед, зрели јаболка, кајсија, бозел, грепјфрут, зелен лимон, па и свежо косена трева. Се одгледува и во Македонија.

Ркацители

е бела сорта грозје која потекнува од Грузија и е една од најраспространетите сорти во Русија. Во Грузија се најдени остатоци од оваа сорта кои датираат од III век пр.н.е. Оваа сорта грозје дава ароматични вина, со висок степен на киселини, цветни ароми како и ароми на кајсија и ананас. Исто така се користи за правење слатки вина. Во Македонија се повеќе и се дава на важност на оваа сорта, па две наши винарии прават дури и барик верзии на вино од оваа сорта.

Санџовезе

е црвена сорта италијанско грозје и е една од најраспространетите црвени сорти во земјата каде што е позната како главна основа за добивање на вината Кјанти и Кармињано. Ова грозје најмногу се употребува како бленд, а и како едносортно вино. Младото санџовезе вино има светлоцрвена боја, се одликува со овошни мириси на јагода и зачини, висок степен на киселост и средно до висок степен на танини. Има ароми на цреша, црна рибизла, темјанушки и чај. Се повеќе зема на замав неговото одгледување во Македонија бидејќи дава одлични вина во нашите вински региони.

Семијон

е бела сорта грозје чие потекло е тешко да се одреди. Најмногу се одгледува во Австралија и Франција, каде во регионот Бордо е една од трите бели сорти кои е дозволено да се одгледуваат. Вината од оваа сорта се со полно тело, низок степен на киселини и зејтинеста текстура. Може да има ароми на смоква, лимон, мед и зелено јаболко. Македонскиот семијон дава вина кои се свежи, со ароми на бели цвеќиња и медовина.

Сира

или Шираз е сорта  грозје која има темноцрвена боја и потекнува од регионот на реката Рона во Франција и е позната за апелациите Кот ди Рон, Шатонеф ди Пап, Ермитаж и Жоконд. Се одгледува насекаде во светот и е на седмо место по распространетост. Сира дава силни вина кои имаат мирис и вкус на темносино овошје (црна капина, црна рибизла) и зачини. Речиси секогаш се присутни ароми на мелен бибер и пикантни зачини. Оваа сорта се користи  и за блендирање, а и како едносортно вино. Оваа сорта се одгледува и во нашава земја и дава одлични вина.

Смедеревка

е бела сорта грозје за која се претпоставува дека потекнува од околината на Смедерево во Србија. Виното добиено од ова грозје има златно-жолта боја и се одликува со киселкаст но мек вкус. Други земји во кои се одгледува се Бугарија, Србија, Црна Гора, Турција и Романија. Смедеревката не се меша со други сорти грозје и е една од сортите која е најраспространета во Македонија.

Совињон блан

е бела сорта која се одликува со зелена боја и потекнува од регионот Бордо во Франција. Во денешно време се одгледува насекаде во светот и дава ароматични, свежи, суви и освежувачки вина. Се користи како главна компонента на многу познати десертни вина. Како чист Совињон блан се консумира уште како младо, бидејќи нема голем потенцијал за зреење.

Станушина

е црвена сорта грозје која може да се најде само во Тиквешкиот регион во Македонија. Најверојатно дека е единствената македонска автохтона сорта. Станушината беше речиси исчезната сė додека винаријата Попова Кула повторно не ја откри. Неколку винарии го следеа примерот на одгледување на оваа сорта, меѓутоа количините на Станушина се сė уште многу мали.

Темпранило

е црвена сорта  грозје која потекнува од Шпанија, каде што е една од најраспространетите и од која се добиваат вината Риоја и Пенедес. Позната е по тоа што дава вина со полно тело, а и по тоа што зрее неколку недели порано од останатите видови грозје. Многу добро успева во топли поднебја. Вината добиени од ова грозје се со рубин црвена боја, содржат мал степен на киселост, имаат арома и вкус на боровинки, сливи, тутун, кожа и трева. Од неодамна се одлгедува и во Македонија.

Темјаника

е македонското име за сортата Мускат. Мускатот е најголема фамилија од сите вински сорти, со бои кои може да бидат од зелена до  речиси црна. Темјаниката се карактеризира како бела сорта која дава суви и полусуви вина, со пикантна и мускатна арома и вкус. Оваа сорта е втората најраспространета сорта во Македонија.

Траминец

е балкански пример на германскиот Гевурцтраминер, познат по неговата застапеност во вината од Алзас. Во скоро време станува многу популарен во Словенија. Траминецот најчесто е полуслатко до слатко вино, со полно тело и свилен завршеток. Аромите се комплексни, но пикантни и јаки и  речиси секогаш потсетуваат на тропски овошја како малини. Траминецот не се користи за блендирање туку се користи за добивање едносортни вина. Оваа сорта се одгледува и во Македонија.

Шардоне

е сорта грозје со зеленкаста боја, која потекнува од регионот Бордо. Шардонето е  втора по ред најраспространета бела сорта во светот и успева  на  речиси секакво поднебје. Грозјето само по себе е со неутрален вкус. Многу од вкусовите кои највообичаено се поврзуваат со оваа сорта доаѓаат од тероарот и дабот. Во Македонија, Шардонето е со ароми на различни видови тропско овошје, како манго и ананас.