Пари Сен Жермен, францускиот гигант кој со богатите спонзори од Катар планираат во блиска иднина да ја освојат Европа ќе започне со производство на вино со името на Бекам.
Парискиот клуб сака по секоја цена да го искористи името на најкомерцијалниот фудбалер на светот Дејвид Бекам, кој во француската престолнина игра бесплатно, односно неделната плата оди во хуманитарни цели. Според најавите, ПСЖ ќе пушти во продажба вино кое ќе се вика „Шато Бекам“ и наскоро ќе се официјализира соработката со винаријата од регионот Кот де Бурж.
Виното би требало да се најде во клупските продавници, како и во рестораните и баровите веќе до крајот на годината. Бекам зимава дојде во Париз откако заврши со седумгодишната авантура во САД и потпиша петмесечен договор на „Паркот на принцовите“ и според проценките францускиот клуб од неговото име ќе заработи над 20 милиони евра во овој период.
Бекам е првиот фудбалер кој успеал да стигне до приходи од една милијарда фунти само од продажба на дресови во клубовите за кои настапувал.