Колкумина навистина знаат да препознаат квалитетно вино?

Секој просечен енофил (љубител и познавач на вино) или некој којшто се претставува како таков, научил неколку епитети од винскиот речник и ги користи секогаш кога ќе му се допадне виното. Описите како „комплексно“, „хармонично“, „робусно“, „со полно тело, впечатливо буке и заокружен овошен финиш“, проследени со долго мирисање на виното во чашата и вкусување на мала голтка додека стручно се држи чашата, оддаваат впечаток дека се работи за голем познавач на вино. Но колкумина навистина знаат да препознаат квалитетно вино?
Вистината е дека дури и експертите за вино, енолозите и сомелиерите, понекогаш можат да погрешат доколку се променат нивните очекувања.
Ова го докажал Фредерик Броше со своето истражување, кога во 2001 година ги навреди винските снобови ширум светот, докажувајќи дека нивната експертиза не е валидна, односно таа зависи од надворешни фактори кои го манипулираат дефинирањето на вкусот.

Истражувањето го спровел со помош на 54 студенти по енологија, од кои се побарало да го дадат своето мислење за две вина. Енолозите требало да пробаат црно и бело вино и детално да ги опишат. Трикот се состоел во тоа што Броше црното вино го добил со обојување на белото вино. Не само што ниеден од експертите не забележал дека станува збор за бело вино, туку и некои од нив го „чувствувале“ црвеното овошје во виното.
„Се докажа дека бојата на виното овозможува значајни сензорни информации, и може да ја наруши способноста на субјектите да го оценат вкусот“, заклучил Броше во своите резултати.

Во друг експеримент, Броше побарал од студентите да оценат две различни шишиња вино, едно во скапа амбалажа, другото во евтина. Овојпат трикот се состоел во тоа што тој во двете шишиња ставил евтино вино. Резултатот бил следниов: скапото вино било оценето како комплексно и заокружено, додека евтиното како слабо и рамно, иако станувало збор за истото евтино вино.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *