Винарската визба „Тиквеш“ ја продолжи традицијата на освојување медали на најголемиот светски натпревар на розе вина „Le Mondial du Rosé“, што се одржува во Кан, Франција.
На годинешното натпреварување, новата екстензија на еден од најпопуларните вински брендoви во земјава и регионот, „Александрија розе“ од бербата 2016-та, освои сребрен медал.
„Значењето на овој медал е дотолку поголемо со оглед на фактот што е освоен во исклучително голема и остра конкуренција што ја сочинуваа над 1300 розе вина од целиот свет, при што најголемиот број наградени вина се од најпознатите светски вински региони во Франција, Шпанија и Италија. „Александрија розе“ на „Тиквеш“ е единственото наградено вино од земјите од нашиот регион“, велат од ВВ „Тиквеш“.
Инаку, новото вино „Александрија розе“, уште пред неговото официјално лансирање на пазарот, што се случи кон крајот на минатата година, го покажа потенцијалот за освојување високи награди за квалитет, освојувајќи златен медал на минатогодишниот натпревар „Citadelles du Vin“ што се одржа во Бордо, Франција, како и сребрен медал на натпреварот „Concours Mondial de Bruxelles 2016“ во Брисел, Белгија.