Министерството за финансии од вчера почна со исплатата на субвенциите. Исплатата следува веднаш по објавување на одлуката на Уставниот суд во „Службен весник“ со која се отстранети законските пречки, односно забраната за исплата додека не се формира новата влада по декемвриските избори.
Во текот на вчерашниот ден се исплатени 463 милиони денари, или нешто повеќе од 7,5 милиони евра субвенции. Со нив целосно се намирени обврските за субвенции заклучно 2015 година во износ од 1,6 милион евра. Земјоделците добија пари за фуражни култури, жита, ориз, градинарство, овошни насади, лозови насади, говеда, несилки, млеко, органско производство и рурален развој. Во рамки на исплатената сума се и 364 милиони денари, или 5,9 милиони евра субвенции за 2016 година за млеко и оризова арпа.<
Во ресорот велат дека останале доследни на спроведување на законската регулатива.
– Веднаш штом се создаде законска можност, почнавме со исплата на субвенциите кон земјоделците. Следните исплати ќе се извршат во зависност од пристигнувањето на налозите од Платежната агенција – велат во Министерството за финансии.
Лидерот на лозарите, Љупчо Аризанов, вчера во име на лозарите ја поздрави одлуката на судот за исплата на субвенциите. Тој нагласи дека производителите на грозје очекувале позитивна одлука со оглед на тоа што во полн ек е новата производствена сезона, а лозаропроизводителите имаат потреба од субвенционирање на производството.
– Според сознанијата на регионалниот сојуз на лозари „Агротиквешија“, остануваат за исплата уште околу 65 проценти од субвенциите бидејќи дел од нив е веќе исплатен на лозарите – вели Аризанов. Тој очекува дека парите за субвенции најбрзо што може ќе легнат на нивните сметки.
Исплатата на субвенциите од страна на Министерството за финансии уследи веднаш откако завчера во „Службен весник“ излезе конечна одлука за укинување на оспорените одредби од Изборниот законик и од Законот за спречување на корупцијата. Со тоа се овозможи исплата на земјоделските субвенции. Цела работа започна минатата недела откако Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и донесе привремена мерка за запирање од извршување на оспорените одредби со кои се забрануваше исплатата на земјоделските субвенции до формирање на новата влада.
Иницијативата до Уставниот суд ја поднесе земјоделското здружение „Агротиквешија“ и со неа го оспори членот од Изборниот законик, според кој е забранета исплата на субвенции до формирање нова влада. И покрај привремената мерка, според деловникот на Уставниот суд, Министерството за финансии немаше законско право да ги исплаќа субвенциите се додека Судот не донесе конечна одлука.
Земјоделците за годинава ќе добијат околу 6,1 милијарди денари, или околу 100 милиони евра како директни плаќања за поддршка на нивното производство. Најголем дел од парите се одвоени за растително производство, 32 милиони евра, а за сточарско половина од сумата. речиси 250.000 евра се одвоени за материјални трошоци за спроведување на програмата, а околу 44 милиони евра се потребни да се намират заостанатите обврски од претходните години. Следната година е предвидено за 30 отсто повисоки субвенции да добијат сите земјоделци кои наместо полјоделски култури ќе одгледуваат градинарски култури. Во Платежната агенција велат дека програмата за 2017 година е веќе донесена и објавена во „Службен весник“, а по култури, тутунот и сточарското производство се сектори кои најмногу ќе земат субвенции. За тутунско производство се планирани 30 милиони евра, а за сточарско производство 18 милиони евра. Околу 8 милиони ќе легнат на сметките на сите земјоделци кои одгледуваат говеда, овци и кози, а 13 милиони евра за тие што садат полјоделски култури.