Поранешниот менаџер на Манчестер јунајтед, Луј ван Гал, вели дека сѐ уште има некои добри спомени од не така успешниот период на клупата на Црвените ѓаволи.
Еден од таквите е и договорот помеѓу него и претседателот на клубот, Ед Вудворд, кога овој му понудил по шест шишиња вино за секоја победа над Ливерпул.
„Имам одлично спомени од Јунајтед и мојот однос со навивачите и стручниот штаб беше исто таков. Нашиот претседател Ед Вудворд ми вети шест шишиња црвено вино за секоја победа над Ливерпул. Па, победивме четири пати и поради тоа имам колекција од такви вина“, изјави Ван Гал.
Холанѓанецот на клупата на Јунајтед го наследи Дејвид Мојс во 2014 година и таму остана две години. Покрај себе го имаше Рајан Гигс како асистент и од нив се очекуваше да ги вратат успешните резултати од ерата на Алекс Фергусон. Сепак тие изостанаа, а Ван Гал пред една година беше заменет со Мурињо.