Интервју со винарија „Попов“: Време е за вина нетипични за нашето поднебје

Винодонија 2018“ по трет пат ги оправда очекувањата на сите оние за кои виното е многу повеќе од пијалок. Освен што можеа да се дегустираат различни вина од домашни и странски производители и да се научи нешто повеќе за виното, присутните имаа можност да разговараат и директно со самите производители на виното. Можноста да разговараме со винариите ја искористи и тимот на винотика.мк кој направи интервјуа со најголемиот дел од учесниците на винскиот салон кои ќе бидат објавени во наредниот период. „Јубилејното“ петто интервју е со претставниците од винаријата „Попов“ од кавадаречкото село Сопот, за која според досегашните успеси, не постојат граници. Нивните вина може да се најдат низ многу држави од Кина, Сингапур, па се до САД, што само по себе говори и за квалитетот на истите.

винотика.мк: На самиот почеток, заокружувате еден период со континуирани инвестиции, за четири пати ги зголемивте површините под лозови насади, инвестиравте во полнилница на шишиња…

Винарија Попов: Точно, напредуваме сериозно. Инвестираме во повеќе насоки, го зголемивме капацитетот но и разновидноста на лозови насади, воведуваќи некои нови сорти. Исто така од оние технолошки инвестиции инсталиравме и систем капка по капка.

винотика.мк: На Винодонија сте дел од онаа листа на редовни учесници. Што поразлично понудивте годинава?

Винарија Попов: Оваа година посетителите на Винодонија пробаа неколку сорти што не се карактеристични за ова поднебје, како на пример Каберне Франк, Пинот Гри, Гевурс Траминер. Исто така понудивме неколку купажи, како на пример Домен Вршник, тоа е комбинација од Мерлот со Каберне Совињон, Каберне Франк и Сирах, донесовме младо вино Темјаника, како и дел од добро познатите вина на винарија „Попов“.

винотика.мк: Кои се коментарите за Темјаниката од годинешната берба со оглед на тоа што се работи за младо вино?

Винарија Попов: Коментарите се одлични, беше добра берба, квалитетот е одличен, така да и годинава ќе имаме добри вина..

popov1

винотика.мк: Вината на „Попов“ веќе подолг период може да се најдат во секој подобар ресторан, не само во Тиквешијата, туку и низ земјата. Кои се други нации освен македонските ја имаат привилегијата да уживаат во вината на „Попов“?

Винарија Попов: Извезуваме доста, најмногу во Кина, потоа во Сингапур, Канада, Соединетите Американски Држави, Франција, Белгија, Холандија… Она што не прави горд е што сето тоа вино се извезува флаширано, под нашиот бренд.

винотика.мк: Тешко ли е да се гради бренд во винската индустрија во светски размери?

Винарија Попов: Секако дека е комплицирано, конкуренцијата е огромна, но макотрпната работа и доброто вино даваат резултати. Одиме со маркетинг од човек на човек, не сме презастапени во етерот, но сепак луѓето знаат да го препознаат квалитетот. Исто така имаме пристапни цени, се со цел да можат конзументите да си ги дозволат нашите вина.

popov

винотика.мк: Колку вакви настани како Винодонија се добредојдени за винариите да стигнат најпрво до ХоРеКа-та, а потоа и до крајните потрошувачи?

Винарија Попов: Се добредојдени и тоа како. Винодонија има опција да ги понуди сите услови, на едно многу високо ниво, со добри чаши, одличен простор… Сите винарии го даваат својот максимум, ги претставуваат своите најдобри вина, а тоа само по себе говори дека важноста на настанот е огромна за секоја винарија.

винотика.мк: Кога би можеле да бирате, кое вино од палетата на „Попов“ би го одвоиле како Ваш фаворит?

Винарија Попов: Па би го одвоил Гервус Траминерот како нешто ново и многу добро. Секако, би сакал да ги споменам и Темјаниката и Мерлото по кои и сме препознаени, па овие вина се и моите лични фаворити.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *