Дегустациите организирани од винариите од секогаш биле елитни настани кои го привлекувале вниманието, но и место каде се собираат одбрани друштва. Иако секоја покана на дегустација во винарија секогаш звучи примамливо, за многумина, а особено за девојките знае да биде стресно, затоа што треба детално да се внимава на изгледот и облеката.
Во принцип, поканетите гости во винарница секогаш имаат дилема што да облечат. Зашто да бидеш поканет на отворање, на дегустирање одамна е престиж. Важно е кој ќе те покани и кои се поканетите гости. Дали ќе се пие вино преку ден или навечер? Во затворен елитен простор или на отворено, во винарница?
Кај нас, гостите се облекуваат како што се чувствуваат и како што се расположени. Едни ептен дотерани, особено жените, во тенки хулахопки и на високи потпетици, други ептен кежуал. Едни во бунди, други во јакни. На некои им е важен изгледот, на некои удобноста. Некој ќе се смрзнува, а некој ќе се вари по секоја цена.
Во име на модата, сеирот, озборувањето, некои затоа што мислат дека тоа е правилно, а некои затоа што не знаат, а и не ги прашуваат тие што знаат. Некогаш, како гостин, ќе погодите со гардеробата, некогаш ќе утнете. Искусните стануваат помудри, а дебитантите ќе научат за следната година. Или не.