Една од најголемите македонски машки музички ѕвезди, Ѓоко Танески покрај тоа што е голем вљубеник во добрата голтка вино, е еден од ретките на македонската музичка сцена кои прават свои вина, иако тој не сака да ги комерцијализира. Иако не се смета за голем познавач на вината, знае да препознае добро и лошо вино, но и да произведе вино кое собира позитивни критики од секој кој го пробал.
vinotika.mk: Една од причините зошто мислиме дека токму Вие сте најдобриот избор за прво интервју со претставник од македонската сцена е затоа што можете за виното да разговарате од повеќе перспективи, и како човек кој ја забавува публиката, и консумент на вино, и од аспект на угостител, но и од производител на вино. Сте биле дел од безброј забави, па за почеток, со какво вино наздравуваат македонците, а кое е омиленото вино на гостите од целиот свет кој го посетуваат Охрид?
Ѓоко Танески: Општо виното им е омилено на македонците. Од она што јас го следам, и го имам како моја лична претстава е дека македонците сакаат да пијат вино, исто како и странците, кои особено се фасцинирани од македонските вина. Горд сум што доаѓам од земја во која се создаваат врвни вина, а едно од моите омилени вина во последниот период е и македонскиот вински бренд Вирго, кои јас редовно ги консумирам.
vinotika.mk: Имаш доволно долг стаж во Кавадарци за да добиеш и статус на кавадарчанец, а со самото тоа и на познавач на виното. Можеш ли да препознаеш од какви сорти на грозје е направено виното, ароми, вкусови?
Ѓоко Танески: Да, можам да препознаам некои основни карактеристики на виното, особено во последно време затоа што пијам доста вино. Во зимно време пијам повеќе црвено вино, на лето бело и розе вино, така да веќе имам солидни познавања. Можеби не можам во целост да погодам од какви се сорти е направено виното и кои се ароми ги содржи, но знам да препознаам добро и лошо вино.
vinotika.mk: Веќе спомнавме дека помина долги години во Кавадарци, па не интересира со кое вино се наздравуваше како средношколец, се залеваа забавите и се создаваа песните на Алегро?
Ѓоко Танески: Претежно пиевме вино од тиквешко виногорје. Многу пати го „сквернавевме“ виното, пиевме гемиш и бамбус, можеби затоа што во тоа време и не знаевме и не не интересираше вино културата, туку важно ни беше да има забава и дружење.
vinotika.mk: Дали и колку низ годините се менуваше изборот на вина кој ги консумираш?
Ѓоко Танески: Да бидам искрен, поинтензивно пијам вино во последните 2-3 години, и пијам одбрани вина, особено специјални едиции и кувеа, и уживам во нив.
vinotika.mk: Тиквешијата важи за еден од најголемите вински центри на Балканот, но производството на вино не е непознато ниту во Охрид. Што е карактеристично за охридското вино?
Ѓоко Танески: Охридското вино има своја карактеристика, покиселкав и поспецифичен вкус, и јас уживам кога го пијам. Во последните години и јас произведувам вино, најпрво беше тоа од грозје од тиквешкото виногорје, но сега користам исклучиво грозје од охридското поднебје, и се навикнувам на тој специфичен вкус кој е пријатен, особено за во зимските денови.
vinotika.mk: Споменавте дека правиш домашно вино. Од која сорта е, и какви се коменатите.
Ѓоко Танески: Виното кое го произведувам е исклучиво од сортата вранец. Коментарите се секогаш добри. Во зависност од годината има коментари дека претходната или одредена година било за нијанса подобро, но воглавно секогаш се позитивни.
vinotika.mk: Светски тренд е познатите личности да имаат свои лозови насади и брендирани вина? Си размилсувал ли да го комерцијализираш своето производство со етикета со твоето име?
Ѓоко Танески: Сеуште не. Годишно произведувам 300-400 литри вино само за свои потреби, и не чуствувам потреба, барем не за сега да го комерцијализирам сето тоа.
vinotika.mk: Колку често виното е дел од вашиот семеен ручек?
Ѓоко Танески: Многу често, затоа што и сам правам вино, така да доста, доста често.
vinotika.mk: Со каков тип на храна најмногу уживаш да пиеш вино?
Ѓоко Танески: Со паста, со италијанска храна, со домашни специјалитети, како што кажав со свинско, печење, и секако со риба. Јас искрено уживам во плашици со црвено вино.
vinotika.mk: Во последните години во Охрид покрај езерскиот туризам, се нуди и вински туризам. Неколку мали винарии во склопот на своите производствени капацитети нудат и сместување? Како поранешен угостител, како ти гледаш на оваа идеа?
Ѓоко Танески: Тоа е секаде во светот прифатено, затоа што добра храна оди со добро вино. Ако имате своја винарија и ако создадете услови за добар ресторан и сместување може да имате голем бенефит. Секоја иновација и нудење на домашна храна и пијалок е интересно и привлечно за секој гостин. Интересно е да се проба нешто ново, особено создадено во домашни услови, па во Охрид освен ракија и вино, веќе се произведува и домашно пиво, така да сосема интересно е тоа.