Да ја градиме новата винска приказна од Македонија

Мали винарници кои произведуваат органско вино и развиваат вински туризам, се иднината на винскиот сектор во Тиквешкиот регион

Виното е божји пијалак затоа што е по мерка на човекот. Се разбира дека божјите својства на виното можат, а и ги препознаваат и обичните смртници. Виното, значи, е најдобар пијалак за сите нас – ја крева атмосферата на разговорот токму на нивото кое е потребно за доаѓање до компромис.

Според археолошките наоди, се претпоставува дека во Македонија производството на вино е познато уште од IV век пред нашата ера. Кога веќе говориме за традицијата, тогаш мораме да ги споменеме и Тиквешијата и да кажеме дека токму во околината на Дисан (село на некои десетина километри од Неготино, кое претставува вистински бренд за квалитетот на македонското трпезно и винско грозје), пронајдени се антички садови од камен за правење вино.
Во поновата Македонска историја од 1998 година, започнува бумот на првите приватни винарски визби, токму со основањето на винските подруми „Чекоров“ од Кавадарци и „Бовин“ од Неготино. А токму тие, Кавадарци и Неготино се центрите не само на винарската индустрија, туку и на квалитетното вино во Македонија. Значи повторно станува збор за Тиквешијата, главниот лозарски регион во Македонија, каде што се наоѓаат речиси две третини од македонските лозови насади.

Сепак, она што можеме да го наречеме вистинска „ренесанса на македонското вино“ се случува токму во последнава деценија.


Дали имаме концепт како да го насочиме развојот?

Што би значела примената на филозофијата на Слоу Фуд во производството, промоцијата и уживањето во виното во развојот на наш применлив концепт:
Користење на грозје од локалните сорти во производството, кои би му дале автентичност и идентитет на виното;
Користење на традиционални техники на одгледување и производство, спрецифични за местото на производство;
Овие предуслови би ни овозможиле да произведуваме органски и биодинамични вина, призведени од грозје одгледано на одржлив начин (органско, биодинамично)
Најчесто ваквите вина ги произведуваат малите семејни винарници;
Локалната винска историја и традиција на територијата се користат во градењето на винската приказна за промоција и развој на винскиот туризам;
Значи зборуваме за вина со исклучителни сензорни квалитети, кои ги комбинираат во хармонија, влијанието врз сетилата, специфичностите на територијата, природните услови и личната историја на производителот.
Сите овие елементи, го сочинуваат концептот за вино на Slow Wine. Концептот, кој ние го предлагаме и силно поддржуваме. Тука ќе ви го доловиме преку примерот со Президиумот на Станушината.

Станува збор за лесното црвено вино „станушина“, направено од истоимената македонска сорта. Егзотиката на „станушината“ е во тоа што оваа сорта грозје речиси е ископачена во Тиквешијата, ако поради ништо друго, тогаш за да се задржи генот на македонското лозје. Зошто се ископачувало ова лозје? Можеби најдобриот одговор повторно можете да го најдете во „Попова кула“ – тие виното „Станушина“ го нарекуваат „македонско девојче“. Значи, треба да го гледаш и да го галиш за да те сака, а големи вински производства со „станушина“, едноставно не се можни.

Иако бизнисот со малите винарски визби сè уште е во подем. Најголемиот број од нив се подготвуваат да зачекорат и на новата бизнис-патека наречена вински туризам, бидејќи најдобар начин да се запознаете со некое од автохтоните сорти на грозје или органските производители на вино е да бидете дел од винските тури кои се организираат. Освен посетата на винаријата и фармата, имате можност да дегустирате некои од подобрите вина и да бидете понудени со традиционално подготвена храна. Дополнително, додека престојувате во некоја од винариите, речиси секој дел кој што е поврзан со производството на вино, одгледувањето на грозјето, ферментацијата на виното, изборот и спарувањето со храната, ви е на дофат и можете целосно да го осознаете процесот на создавање на ново вино или локалната винска култура. Некои од македонските винарници имаат богата и долга историја. Од тој аспект, можете навистина да доживеете нешто поинакво за разлика од веќе рутинскиот одмор покрај плажа.

Она што секако е најважно и што сè повеќе се признава во светот е фактот дека Македонија пред сè има врвно вино, што се надеваме дека ќе се потврди и на овогодинешното издание на Тера Мадре Салоне дел Густо кое ќе се одржи од 20-24.09 2018 година во Торино, Италија. Таму на македонскиот штанд ќе се дегустира „Станушината“ на малата винарница Наумчеви, а на дегустацијата на вина од Балканот произведени од автохтони сорти на грозје ќе биде вклучен и „Вранецот“ на Шато Камник.

Виното, е дел од нашиот идентитет, тоа е најопеаниот пијалак во македонската фолклорна традиција. Голем дел народно творештво се однесува на виното. Народниот пејач и низ тешката историја не се откажува од квалитетите на божјата напивка, да ја произведува, но и да ја опева… „Како што е оваа чаша полна со вино, така е и мојот живот полн со јадови“…

Затоа да станеме дел од оние кои сакаат да се нурнат во убавините на светот на виното прикажани преку историјата на регионот и прошетка низ винските подруми и да го почувствуваат духот и карактерот на поднебјето преку дегустација на врвни македонски вина.

Текст: Николче Николовски, член на Национален одбор на Слоу Фуд Македонија
Фото кредит © Slow Food архива