После една деценија лобирање од страна на производителите, „природните“ вина конечно се официјално признати од француските власти.
Вината што спаѓаат во новата ознака ќе се продава под терминот „вина според природна метода“(vin méthode nature).
Формиран е синдикат за природни вина во соработка со француското Министерство за земјоделство и Францускиот национален институт за потекло и квалитет. На чело со винарот Жак Кароже од долината на Лоара, синдикатот веќе воспостави список на критериуми посветени на новата ознака.
Постојните европски регулативи забрануваа употреба на терминот „природно“ вино на етикетите, така што синдикатот за природни вина излезе со терминот „вина според природна метода“.
Ознаката ќе биде предмет на тригодишен пробен период. За да се користи терминот „вина според природна метода “ на етикетите, виното треба да се произведува од рачно берено грозје од сертифицирани органски винови насади и ферментацијата да се врши со автохтни соеви на квасец.
Следниве практики се забранети за време на процесот на производство на вино: филтрација со наизменичен проток, кратка пастеризација, термовинификација и реверзна осмоза.
Дозволени се до 30 мг/л сулфити во сите видови вино. За да се направи разлика помеѓу природните вина што содржат сулфити и оние кои се без сулфит, создадени се две логоа што означуваат дали производот содржи сулфити.
Секоја година, надворешен субјект ќе го контролира флашираното вино кое ја носи ознаката. Доколку виното не е во согласност со прописите,тоа треба да се продава под различен бренд за да не ги доведе во заблуда потрошувачите.
Во минатото, во Франција имаше многу манипулации со етикетите на кои се ставаше ознаката „природно вино“,најпопуларните вакви вина претставуваа мешавина на индустриско вино со тие од органското производство.
„Бесрамните луѓе го употребиваат зборот „природен“ за да продаваат производи што немаат никаква врска со нашата визија“ вели Кароже.
Над 100 француски брендови на вино се очекува да бидат пуштени во продажба како „вина според природна метода“ во наредните месеци, а се очекува и шпанските и италијанските винарии да ги следат.
„Првите вина што ќе ја носат ознаката беа произведени минатата година од винарите кои се договорија пред бербата да ги исполнат своите барања“, соопшти Себастијан Дејвид, еден од основачите на синдикатот.