Валандовчанецот Даниел Глигоров, кој живее и работи во Германија, го промовира македонското вино во светот. Според него, иднината на македонското винарство е токму во црвеното вино од сортата кратошија. Кратошијата е скоро заборавена сорта на грозје што сè уште се произведува на просторот на неколку поранешни југословенски републики. Тој верува дека станува збор за автохтона македонска сорта и се залага за ДНК-анализа што ќе даде одговор на многу неодговорени прашања во врска со неа.
– Јас потекнувам од лозарски крај од Валандово и сум пораснат по лозјата на дедо ми Ѓорѓи. Како голем љубител и познавач на вината, а особено на нашите македонски вина, затоа што долги години ги продавам на германскиот пазар, знам дека Македонците поседуваат кратошија во рамките на лозовите насади со вранец. Проценката е премногу комплицирана. Затоа што, според моите сознанија, голем број лозари пријавуваат грозје од сорта вранец, а во редовите од лозјата имаат и кратошија. Кутрите лозари ја пријавуваат како вранец поради привилегиите, т. е. субвенциите што се даваат само за вранецот како сорта. Така, за брзо време може да ја снема кратошијата како ценета винска сорта од македонските лозови насади. Сметам дека треба да се направи голема акција за контрола на лозовите насади со вранец и да се пронајде кратошијата, да се одвои и да се размножи, па да се посадат нови насади со кратошија. За жал, најголем дел македонски винарници не се заинтересирани за производство на оваа сорта, најголем интерес имаат за вранецот, оти го има најмногу. Веќе некое време се „борам” со винарници, да ѝ дадат поголем акцент на кратошијата, појаснува Глигоров во изјава за МИА.
Тој нагласува дека на германскиот пазар, во последните десет години, кога станува збор за вина од просторот на поранешна Југославија, актуелна била токму и кратошијата.
– Имаме винска приказна што недоволно му ја презентираме на светот. Знаете, јас сум меѓу другото претставник и на неколку италијански винарници на германскиот пазар, па кога еднаш бев во Италија, тамошните лозари се интересираа од каде потекнувам. Им открив дека имам македонски корени. Тие воодушевени ми кажаа дека таа сорта грозје кај нив била донесена од македонско тло, одамна, кога се појавила голема чума кај нив во лозарството. Апелирам до сите мои пријатели и винари за да ми помогнат да ја докажеме вистината за кратошијата, од каде потекнува и да ѝ дадеме повеќе значење, дециден е тој.
Од Македонското здружение на винари потврдуваат дека Глигоров е еден од успешните Македонци во светот. Велат, малкумина знаат за валандовчанецот што 15 години е промотор на македонскoто вино во Германија. Нагласуваат дека сето тоа го работи од хоби, од љубов и страст кон виното. Инаку има друга редовна работа, која нема допирни точки со виното. Додаваат дека тој е првиот Македонец, вински судија на германскиот натпревар за вина „Мундус вини”, како и на други престижни европски дегустациски оценувања. Тој секаде со гордост се претставува како Македонец, со македонското знаме, а оваа година го виделе и со галичка носија.
– Од пред неколку години има и други вински судии кои ги претставуваат нашите црвено-жолти бои на овој голем вински настан, на кој има вински судии од цел свет, познати вински критичари, вински новинари, професори, енолози. Оваа година на тој натпревар имаше шест македонски вински судии, а македонските вина, меѓу 7.500 мостри, овоија 29 златни и 13 сребрени медали. Секоја година, на крајот од оценувањето, неколку земји имаат право да се претстават со своите вина, автохтони сорти и слично. Оваа година, македонските претставници ги презентираа нашите вински региони, а имаше и дегустација на вина од неколку винарници, велат од Здружението.
Оттаму појаснуваат дека Глигоров веќе долго време е вински агент на еден престижен синџир винотеки. Освен со македонски, соработува со германски, словенечки, хрватски, црногорски, бугарски, италијански и француски винарници. Но најемотивно е врзан за ексјугословенските, особено за македонските.
– Овој успешен вински агент меѓу огромната винска понуда што ја има во Европа, успеа да пласира македонско вино во шише плус, на германскиот пазар. Иако Германија е голем потрошувач на македонско вино, сепак тоа е вино што во минатото главно како наливно, со сосема друг концепт, пари и квалитет се увезуваше во Германија. Но тоа што го прави Глигоров на тој пазар е сосема она реалното што го заслужува македонското вино. Продажба како своевиден брендиран производ на македонско вино во шише, додаваат од Здружението.
Оттаму потврдуваат дека во светот на виното, Глигоров е познат и како вински архитект, кој гради вински мостови што ги зближуваат луѓето.