Вино полно здравје

Австралиски доктор тврди дека успеал да го создаде најздравото вино во светот. Можеби звучи премногу добро за да биде вистинито, но пијалакот ги чисти крвните садови и со секоја испиена чаша го намалува ризикот од срцев удар.
Во едно шише од виното на сиднејскиот доктор и вински експерт Филип Норие има 100 пати поголема количина ресвератрол, природен антиоксиданс кој најчесто се наоѓа во грозјето.

Ресвератрол преку отстранување на масните наслаги во крвните садови го подобрува крвотокот.

Доктор Норие вели дека виното го збогатил со голема количина на антиоксиданс, кој претставува своевиден „васкуларен чистач“.

„Познати се позитивните ефекти од умереното консумирање на вино. Ние успеавме да ја зголемиме количината на ресвератрол, кој нема вкус и мирис, поради што нема ни да почувствувате никаква промена во пијалакот. Со секоја испиена чаша од нашето вино ќе го подобрите чистењето на крвните садови. Одлична е идејата да се натераат луѓето да престанат да пушат, да почнат да вежбаат и да ослабат, но сепак тоа е крајно нереалистично. Пиењето на една до две чаши вино е нешто сосема реалистично. Со виното уживате, а истовремено станувате и поздрави. Ова е одлична вест за љубителите на овој пијалак, вели Норие.

Австралискиот доктор сега произведува сопствено вино, кое само во едно шише има 100 милиграми ресвератрол, колку што има во 70 до 100 шишиња обично бело вино, или пак во 15-20 шишиња обично црвено вино.

Лекарите досега во повеќе наврати советувале дека умереното консумирање на вино, богато со ресвератрол може да помогне во справувањето со срцевите болести, како и да спречи срцев напад или инфаркт.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *