Ново признание за вината на „Тиквеш“ од Интернационалниот вински натпревар во Лондон

На официјалната церемонија што се одржа во Лондон, претставниците на угледниот интернационален вински натпревар – International Wine Challenge (IWC), годинешниот „Трофеј за најдобро црвено вино од Македонија“ му го доделија на виното „Вранец Special Selection“ од бербата 2015-та на винарската визба „Тиквеш“.
Ова е прв пат винарница од Македонија, па и од регионот на Југоисточна Европа, да добие вакво престижно признание, што е уште една потврда дека „Тиквеш“ е во светскиот клуб на елитни производители на вино.
Добивањето на овој трофеј, покрај за „Тиквеш“, претставува голема чест и привилегија и за целокупната македонска винска индустрија, со оглед на фактот што признание од ваков висок ранг им се доделува на помалку од 1% од сите пријавени вина на овој натпревар. Дополнително, „Тиквеш“ е првата винарница од регионот која го добива ова признание, а кое е доделено за вино произведено од автохтона сорта на грозје, со што „Вранец Special Selection“се издигнува на рангот на најпопуларните светски вина, кои најчесто се произведуваат од познати интернационални сорти.
На свечената церемонија во Лондон, Tрофејот за квалитет му беше врачен лично на претседателот на Управниот одбор на Винарската визба „Тиквеш“, Светозар Јаневски, од страна на ко-претседателот на IWC и еден од најпознатите светски вински критичари, Тим Аткин. Исто така, во оваа прилика, господинот Јаневски и членовите на менаџментот на „Тиквеш“ остварија средба и со еден од најпознатите британски и светски вински автори Роберт Овен, попознат во винскиот свет како Оз Кларк. Тоа беше одлична можност, двајцата познати светски вински критичари, од прва рака да се запознаат со квалитетот и високото реноме на врвните македонски вина кои се резултат на исклучителната посветеност, љубов, вештини и на големото залагање на целокупниот тим на „Тиквеш“.
Настанот за доделување на медали и признаија на IWC во Лондон на кој присуствуваат сите што нешто значат во глобалната винска индустрија беше одлична можност да се промовира уникатната македонска винска приказна која е спој на прекрасната природа, сонцето, специфичниот тероар и секако долгата традиција за производство на извонредно моќните вина од југот на Европа.
Покрај трофејот и златниот медал за виното „Вранец Special Selection“, ВВ „Тиквеш“ на IWC 2017 освои и два дополнителни сребрени медали за „Барово (црвено) 2015“ и „Гренаш Бланк Special Selection“ 2016, како и 5 бронзени медали. Сите овие признанија имаат огромно значење за промоцијата и пробивот на вината на „Тиквеш“ на светските вински пазари. Воедно, тие го трасираат патот и за останатите квалитетни македонски вина и значајно придонесуваат за јакнењето на реномето и угледот на Македонија како винска земја и производител на автентични висококвалитетни вина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *