Тиквешијата добива изложбен центар за вино и туризам

Тиквешијата добива изложбен центар за вино, туризам и меѓународен кластер за вински туризам. Преку програмата ИПА 2 за прекугранична соработка Македонија – Грција, одобрен е проект вреден 584 илјади евра. Како што информира Виолета Јанкова, директор на Фондацијата „Тиквешки вински пат“ од Кавадарци, која се јавува како еден од партнерите и идеен творец на „Тера вино“, проектот ќе се реализира во наредните 18 месеци.

„Во рамки на проектот е предвидено мапирање на туристичко-угостителските субјекти и винарниците од двете страни на границата, формирање на кластерот за вински туризам и нивна едукација, изработка на промотивни материјали и совети од стручни лица за подобрување на нивното работење, реконструкција и опремување на објектот каде што ќе биде сместен изложбениот центар, набавка на лабораторија за потребите на винарниците и работење договор за квалитет од кој понатаму ќе произлезе марка за квалитет, што ќе помогне како за брендирање на територијата, така и на членките на кластерот. Сето ова ќе биде заокружено со една голема меѓународна конференција на која ќе бидат промовирани резултатите од проектот и кластерот“, вели Јанкова.

Партнери од грчка страна се италијанско-грчката комора, Технолошкиот институт „Аристотелис“ и Министерство за внатрешна и административна реконструкција од Солун.

Ова е четврти по ред проект од ваков тип што го реализира Фондацијата „Тиквешки вински пат“. Се работи за изградби, реконструкции и опремување на поголеми објекти.

„Пред неколку години со реконструкција на таканаречената ’Желкова куќа‘ во Неготино, го направивме првиот туристичко информативен центар во Тиквешкиот регион. Со италијански средства во истиот град вложивме во 244 квадратни метри површина за првиот Музеј на вино. Демир Капија, благодарение на ваков проект доби Едукативен тренинг-центар за туризам. А, на повеќе делници во државата, поставивме туристички ознаки за македонските вински патишта“, вели Јанкова.

Таа е децидна дека со вакви проекти, во Тиквешијата, како најголем лозаровинарски регион во Македонија, се донесени околу милион евра европски пари.

„Придобивките од нашата работа веќе се чувствуваат. Во иднина очекуваме уште поголем број туристи и што е можно повеќе луѓе во светот да бидат дел од македонската винска приказна“, додава Јанкова.

Притоа потсетува дека Фондацијата прва пред неколку години го организираше натпреварот во закројување винови лози, кој сега освен атракција, станува и традиција во регионот на грозјето и виното.

„Сме учествувале во организацијата на повеќе манифестации во чест на божествената течност која отсекогаш се произведувала на овие простори, но и на атрактивни натпревари за најдобри традиционални јадења кои беа подзаборавени. Преку многубројни работилници, форуми, повеќе меѓународни конференции со учество на повеќе држави, се трудиме што повеќе да го доближиме светот до Тиквешијата и обратно, да му покажеме на светот дека имаме богатства кои заслужуваат да бидат видени и вкусени“, вели директорката на „Тиквешки вински пат“, која е повторно избрана во бордот на директори во Културниот коридор на Европски вински патишта.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *