Три вина на винаријата „Стоби“ добија многу високи оценки од еден од највлијателните вински критичари во светот, Марк Скваерс, во рецензиите кои ги објави еминентниот вински магазин „Wine Advocate“ на најреномираниот светски вински критичар Роберт Паркер.
Највисоки оценки доби виното „Ркацители“ од бербата од 2016 година, едно од водечките вина на „Стоби“ коe редовно освојува највисоки признанија на светските натпревари. Скваерс на ова бело вино му додели 89 поени, што претставува мошне висока оценка. Во својот опис за виното „Ркацители“ од 2016, Скваерс наведува дека станува збор за фино концентрирано суво вино со 14,2 отсто алкохол, со чисти и вкусни овошни ноти.,
– Чистите овошни ноти овозможуваат вистинско задоволство при конзумирањето, а вкусот дополнително ќе се развива во следните неколку месеци. Ова вино ќе биде одличен пијалок летово, напиша Скваерс во својата рецензија за „Ркацители 2016“.
Освен „Ркацители 2016“, многу високи оценки од Скваерс добија уште две други вина од винаријата „Стоби“. Тоа се „Жилавка“ од бербата од 2016 година и „Вранец“ од 2015, кои беа оценети со 88 поени.
Официјалната интернет страница на Wine advocate има повеќе од 50.000 претплатници од САД, но и од 37 други земји во светот. Овој магазин е еден од највлијателните во винскиот свет. Рецензиите објавени во него имаат огромно влијание врз конзументите на вино од целиот свет и врз поставувањето на трендовите во винската индсутрија во САД, но и во Франција, Англија, Швајцарија, Јапонија, Русија, Кина и др.