Здружението „Вина од Македонија“ ја поздрави одлуката за укинување на ограничувањата за продажба на алкохол

Здружението „Вина од Македонија“ во кое членуваат најголемите производители и извозници на вино во земјата, ја поздравува одлуката на Владата на Република Македонија да предложи укинување на одредбите од Законот за трговија со кои меѓу другото се забранува продажбата на алкохолни пијалаци во трговијата по 19, односно 21 часот, воведени во 2008-ма година.
Очекуваме дека Собранието на Република Македонија во најкраток можен рок ќе ги прифати предложените законски измени, со што ќе овоможи да се тргнат ригорозните ограничувања во трговијата со алкохолни пијалаци во земјата, кои во изминатите десет години им нанесоа големи финансиски штети на производителите на вино, како и на целокупната домашна винска индустрија која, заедно со лозарството, создава и до 20% од годишниот бруто домашен производ остварен во земјоделството и обезбедува егзистенција за околу 30.000 производители на грозје, на над 12.000 сезонски работници и на повеќе од 2.000 вработени во домашните винарници.
Рестриктивните и крајно нелогични ограничувања на продажбата на алкохолни пијалаци во трговската мрежа во изминативе десет години придонесоа за намалување на очекуваната продажба на вино за повеќе од 10% на годишно ниво, што негативно се одрази на приходите на самите винарници, а со тоа и на нивните планови за откуп на грозје од лозарите.
Дополнителен аргумент за укинување на ригорозните ограничувања во трговијата со алкохолни пијалаци, меѓу кои и на виното, е и тоа дека Република Македонија има најмала просечна потрошувачка на вино по жител во Европа, кое изнесува само 7 литри годишно. За споредба, во земјите членки на ЕУ од нашиот регион: Бугарија, Грција, Словенија и Хрватска, потрошувачката на вино надминува 25 литри по жител. Во ниедна од овие земји – членки на ЕУ не постојат никакви ограничувања во продажбата на вино во трговијата.
Дури и во оние земји каде алкохолизмот е изразен општествен проблем, што не е случај во Македонија, виното се третира како исклучок во однос на жестоките пијалаци со висок процент на алкохол, затоа што научно е докажано дека умерената консумација на вино има позитивно влијание врз здравјето на луѓето.
Истовремено, за да се постигнат посакуваните ефекти поврзани со спречување на злоупотребата на алкохолот, членките на „Вина од Македонија“ целосно ја поддржуваат забраната на продажба и точење алкохол на малолетни лица и истовремено инсистираат на ригорозна контрола на нерегистрираното производството и трговијата со алкохол на црно за кое не се плаќаат даноци и е широко достапно за целото население, вклучувајќи ги и најмладите, велат од таму.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *