И по 40 години на сцената, баронот од Нови Сад, ненадминатиот кантавтор, Ѓорѓе Балашевиќ направи уште еден „бал“ за паметење, бал на кои многумина дојдоа по прв пат, и исто толкумина кои веќе не знаат кој по ред им е овој концерт. Всушност, настапите на Балашевиќ веќе оддамна не се концерти, за неговото шоу кое наликува на музичко кабаре, на мјузикл од највисок светски ранг допрва многу поедуцирани ќе мораат да измислат термин со кој ќе го опишат неговиот настап, во кој подееднаков удел имаат сите музичари кои се наоѓаат на бината, сценографијата, осветлувањето и секако, публиката, која повторно беше со Балашевиќ цели три и пол часа.
„Не знам дали да ви се обратам со: Драги мои од бивша Југословенска Република Македонија или драги мои од Илинденска Македонија, или во меѓувреме можеби се договориле за некое друго име, но за мене секогаш ќе бидете Македонија“ – беше една од првите изјави, кои предизвикаа огромен аплауз од целото гледилиште. Но, за разлика од претходните концерти, не се осврна на политиката, ги прескокна новата „Дно дна“, „Путуј Европо“ и „Криви смо ми“, но затоа пак ги разигра сите со „Отилиа“, „Мирка“, „Оливера“ за да на средина од концертот го забави темпото со „Мати“, „Свирајте ми јесен стиже дуњо моја“, „Прича о Васи Ладачком“, „Неки нови клинци“, за откако се пошегува на сметка на своите балади, да ја крене повторно публиката со „Син јединац“, „Девојка на чардаш ногама“, „Слабо диваним маѓарски“.
Вообичаено, најавата за крајот на емотивното дружење преплетено со животните приказни на Ѓоле ја донесе песната „Одлази циркус“, за длабок поклон и аплауз кој ќе остане уште долго во салата „Борис Трајковски“ да сведочи за вечерта во која Балашевиќ доби нови фанови, кои со нетрпение ќе го чекаат неговиот следен концерт.