Македонците пијат вина и ракии од „Тиквеш“ за еден милион евра месечно, покажуваат официјалните податоци за првиот квартал годинава во кој најголемата домашна винарија има раст на продажбата дома и во странство од вкупно 750.000 евра во однос на истиот период лани.
Најголемата и најпозната македонска винарска визба „Тиквеш“ ја зголемила продажбата за 17 отсто во првите три месеци годинава во споредба со истиот период лани, покажуваат официјалните податоци од билансот на успех на оваа компанија.
Следни се вестите што ќе ги израдуваат акционерите на „Тиквеш“, а воедно и ќе ги охрабрат потенцијалните инвеститори во таа акција: раст на продажбите на домашниот пазар, уште поинтензивен раст на продажбите на странски пазари, зголемена добивка за првиот квартал од 43 отсто во споредба со истиот период лани.
„Тиквеш“ дома продава вина и ракии за милион евра месечно!
„Тиквеш“ најмногу продава на домашен пазар и тоа за првите 90 дена годинава е приход што надмина 3,1 милиони евра односно 191 милиони денари. Во споредба со истиот период лани растот на продажбата на домашниот пазар изнесува 9 отсто односно 17 милиони денари повеќе од истиот период лани.
Значаен продор „Тиквеш“ има на странските пазари. Неговата продажба за три месеци достигна 2,05 милиони евра односно 123 милиони денари. Тоа во споредба со истиот период лани е раст од 31 отсто односно 30 милиони денари. Вкупните приходи од продажба на „Тиквеш“ достигнале 314,5 милиони денари и тоа е раст од 17 отсто односно 46 милиони денари.
Во овој период во кој приходите пораснале за 46 милиони денари трошоците на продадени производи и услуги пораснале за 23 милиони денари, а другите трошоци (за маркетинг и административните) пораснале за уште 12,3 милиони денари. Споредбено се гледа дека приходот од продажба пораснал за 10,7 милиони денари повеќе од трошоците на „Тиквеш“.
Финансиските расходи речиси преполовени
„Тиквеш“ во првите три месеци имал финансиски расходи кои изнесуваат 7,25 милиони денари и многу е важно тоа што тие се за 39 отсто пониски од финансиските расходи за истиот период лани кога биле 11,93 милиони денари. Тоа значи дека во истиот период лани „Тиквеш“ платил 4,7 милиони денари повеќе за камати од тоа што го платил годинава.
Добивката на „Тиквеш“ за првиот квартал е 22,5 милиони денари и во споредба со истиот период лани е повисока за речиси 7 милиони денари.