Дожд до четврток, а потоа сонце и речиси никакви шанси за некакви атмосферски влијанија кои би го расипале впечатокот од Балканскиот интернационален вински фестивал кој овој викенд ќе се одржи пред Националната палата за култура во Софија, Бугарија.
На еден од најголемите опен аир вински настани на Балканот и годинава посетителите ќе имаат можност да ги одберат своите фаворити помеѓу 1000 вина од повеќе од 100 винари од целиот балкански полуостров. Со своите влезници, сите посетители добиваат и специјални попусти на саемските експонати.
Истовремено вината ќе бидат ставени на увид и на судиите, предводени од првиот мастер за вино на Балканот, Константинос Лазаракис, кои и годинава ќе имаат супер тешка задача да ги одберат најдобрите балкански вина. Според добиените информации, ова е еден од ретките настани кој тежнее кон практикување на австралискиот вински модел кој дава многу подобри можности за сите вина кои ќе бидат ставени во натпреварувачкиот дел.
Освен во фестивалската зона, врвните вина ќе може да се пробаат и во најголемиот број ресторани низ Софија, кои во рамките на неделата на ресторани во Софија ќе понудат различни видови на храна во комбинација со вина и многу, многу музика.