Нема нешто досега што не е напишано за лозјата и за виното. Историјатот на виновата лоза опфаќа неколку илјади години, поврзано со земјоделството, кујната, цивилизацијата на човештвото. За неговата вистинска старост ќе прочитате различни податоци, но археолошките докази наведуваат дека првите вина се направени во Иран и во Ерменија околу 6 илјади години пред Христа, пред 4 илјади во Месопотамија, а 1000 години пред новата ера и во Египет. Верувале или не, доказите за првото производство на вино во Европа се најдени на територијата на географска Македонија (сега лоцирано како северна Грција), кои датираат 4000 години пред Христа. Во тие ископини најдени се и најстарите пишани докази за винарството.
Виното е поврзано со митовите за боговите: Дионис во Елада, Бахус во Рим, Озирис во Египет. Ако во јудаизмот кај Евреите крвта била симбол на жртвувањето, во христијанството тој ритуал бил заменет со црно вино. Веќе две илјади години до денес трае потрагата по Светиот грал, чашата од која Исус пиел вино на Тајната (последна) вечера и за која се верува дека дава бесмртност. И денес една од трите најсвети тајни на христијанската црква е врзана со виното, а тоа е причесната. Речиси и да нема верски ритуал во кој не се употребува црното (црвено) вино, што ја симболизира крвта Исусова. Во некои книги дури ќе сретнете и смело тврдење дека ако не би била црквата, не би се одржала виновата лоза, за некои рајското дрво на животот. За разлика од христијанството, во исламската религија и култура виното е забрането.
Kако што е блиско со боговите, виното уште повеќе е блиско и со простосмртните, со луѓето. Постојат илјадници преданија за виното, за неговите добри страни за здравјето на човекот, како и за лошите, врзани со пијанството. Илјадници приказни, анегдоти и поговорки. Една од нив, можеби и најпозната, е латинската: Во виното е вистината. Ајде да прочитаме една таква случка, за виното и за вистината, стара над 2 илјади години.
Еден од најголемите непријатели на великиот Александар Македонски, персискиот цар Дариј, пред големиот пораз што го доживеал од македонската фаланга, приредил голема гозба за своите поданици, за своите домашни и за сите големци од Индија до Етиопија, каде што владеел. По гозбата царот отишол на спиење, а тројцата телохранители што го чувале се договориле секој да напише по еден збор за тоа што е најсилно од се на светот. Тоа што го напишале да го дадат да го прочита царот и на оној што ќе оцени дека неговиот збор е најмудар, да му бидат дадени големи признанија и подароци.
Едниот напишал: „Од се најсилно е виното“. Вториот: „Најсилен е царот“. Третиот напишал: „Посилни се жените, но над се победа однесува вистината“. Kако што пишува во Библијата, во Стариот завет, во Втората книга Ездра, кога станал царот, го прочитал напишаното и рекол да се повикаат телохранителите и да објаснат што мислеле. Почнал првиот, кој напишал дека е најсилно виното. „О, мажи, рекол тој, многу е силно виното. Тоа доведува до помрачување на умот на сите што го пијат, тоа го изедначува умот на царот и на сиромавиот, на робот и на слободниот, на бедниот и на богатиот. Виното го претвора секој ум во радост и во веселба, па човек заборава секаква жалост и секаков долг и сите срца ги прави троа богати, така што никој не мисли ни за царот ни за сатрапот, а секого го прави да зборува за своите пари. Kога ќе се напијат мажите, го забораваат пријателството кон пријателите и браќата и веднаш вадат нож, а кога ќе се отрезнат, не знаат што правеле. О, мажи, извикал тој, нели од се е најсилно виното, штом тера на такви постапки“.
Вториот почнал да зборува за силата на царот: „Силни се луѓето што владеат со земјата и со морето и со се што е во нив, но царот ги надминува, владее над нив и им заповеда и во се што да им каже тие му се покоруваат. Ако каже да се спротивстават еден спроти друг, тие го извршуваат тоа, ако ги испрати против непријатели, тие одат и соборуваат планини, карпи и кули и убиваат и бидуваат убиени, но не го погазуваат царскиот збор. Царот е само еден: ако каже да се убива – убиваат, ќе рече ли да се прости – проштеваат, ќе каже ли да се опустошува – опустошуваат, ќе каже ли да се гради – градат, ќе каже ли да се сече – сечат, ќе каже ли да се насади – насадуваат. И сиот народ негов и војската негова му се покорува, луѓето не смеат да му бидат непослушни. И на крајот извикал: Нели од сите работи најсилен е царот кога така му се покоруваат“. Потоа говорел и третиот, кој напишал за жената и за вистината. Почнал да објаснува: „Голем е царот, големи се и многу луѓе и моќно е виното. Но, кој господари над нив и ги владее? Нели се тоа жените? Од нив се родени и од нив се одгледани оние што садат лозја од кои се прави вино. Луѓето не можат без жени. Ако мажите соберат злато и сребро и секакви скапоцености, а потоа видат жена добролична и убава, оставаат се, се спуштаат кон неа, ја гледаат со отворена уста и сите се прилепуваат кон неа, повеќе отколку кон златото, среброто и скапоценостите. Човекот го остава таткото свој, кој го воспитал, и земјата своја и се прилепува кон жената своја и заборава и татко и на мајка. Од тоа треба да се разбере дека жените владеат над нас. Не преземате ли тешки работи, нели се трудите и се мачите, не принесувате ли и не давате ли се за жената? Човекот повеќе ја сака жената отколку таткото и мајката. Многумина полудувале поради жени и станувале робови преку нив, многумина загинале, пропаднале и згрешиле поради жени. И царот се плаши од жената: ако таа му се насмевне, се насменува и тој, ако пак му се налути, тој ја милува, за да биде добар со неа“.
Тогаш царот и големците се погледнале меѓу себе, но телохранителот продолжил да објаснува за вистината. Рекол: „О, мажи, нели се силни жените? Голема е земјата и високо е небото и брзо е сонцето во својот од зашто во еден ден го обиколува небесниот круг и пак се враќа на местото свое. Голем е оној што го прави тоа, но вистината е поголема и посилна од се. Неправедно е виното, неправедни се жените, неправедни се и сите човечки синови, но вистината победува и останува силна засекогаш и живее и владее од века до века. Во неа нема пристрасност и разликување: таа го врши она што е праведно одбегнувајќи се што е неправедно и лошо и сите ги одобруваат нејзините работи. Во нејзиниот суд нема ништо криво: вистината е сила, и царство, и власт и величие во сите векови.
И како што било редот, го избрале најмудриот одговор. Сигурно погодувате: избран бил третиот, кој говорел за вистината. По приказната, малку и за реалноста. Македонија се труди да се декларира како винска земја, ама статистиката вели дека годишно се пијат од два до седум литри вино на човек за разлика од Словенија, каде што бројката изнесува 50, или Франција и Италија по 70-80 литри. Аналогно на овие бројки и на претходната приказна за царот Давид и телохранителите, би било претенциозно, можеби и погрешно, да се заклучува дека таму кај што го нема виното ја нема и вистината.