Во Словенија, поточно во градот Марибор, се наоѓа најстарата винова лоза на светот. И тоа не е туристички трик на итрите словенци, туку факт од Гинисовата книга на рекорди. Виновата лоза е стара преку 400 години и е вистински симбол на словенечката култура на производство и консумација на виното. Особено во регионот на Штаерска, каде на сончевите ридови постојат бројни лозја.
Грозјето е од врстата позната како „Жаметовка“ или „Модра Кавчина“. Ова врста на грозје се смета и за една од најстарите која успева на овие подрачја. Интересно е дека секој што ќе посети стариот дел на Марибор добива на подарок калем од оваа врста на грозје и така се шири нејзината територијална распространетост.
Инаку, ова тврдење за виновата лоза е потврдено и од страна на генетичари за винова лоза од Париз. Како дополнителен доказ се колекцијата од слики од 1657-1681 година која се наоѓа во музејот во Грац, Австрија. На неа јасно се гледа истата винова лоза која и ден денес постои во Марибор.
Ова растение дава помеѓу 35-55 килограми грозје годишно, што секако не е доволно ниту за еден мал вино производител. Сепак, неговата вредност е во годините. Ова вино се флашира во мали шишенца од 250 мл, кои се дизајнирани од познатиот словенечки дизајнер Оскар Когој. Повеќето од 100-те шишиња кои се произведуваат се даваат како подарок од страна на општинските власти.