Кефалонија, тиркизно море и врвно бело вино

Летувањето на Кефалонија, не значи само да се заплива во чиста, тиркизна вода и да се предаде на сонцето да ни го угрее телото и душата. Преубавите плажи и бујната вегетација се убавината на овој јонски остров, што се забележува од авион. Меѓутоа, Кефалонија крие други бројни убавини, незабележителни, бидејќи се ненаметливи. Се откриваат самостојно ако одморот се режира како комбинација од плажи и нови сознанија.
Да тргнеме од митот. Во Грција не постои ниту една приказна без вплеткување на некој мит. Каде е митот, тука е коренот на приказната. Според легендата, Кефалос е син на богот Хермес и Херсе, ќерката на атинскиот крал Кекроп. Помагајќи му на микенскиот крал Амфитрион во битката против Тафијанците, за возврат го добил островот, како подарок со име Сами. Островот го смени името во Кефалонија, а Сами останало име за мало место во крајбрежјето кое и денес постои.
Од брегот на Кефалонија, Одисеј со 12 бродови тргнал кон Троја. Отсекогаш се “шушкало” дека тој е погребан токму на овој остров. Жителите на соседната Итака, кои се сметаат за неприкосновени сопственици на Одисеј, категорично одмавнуваат со главата. Во 1991 година, откриена е кралската микенска гробница во близина на Тзаната кај селото Порос. Пронајдени се околу 70 скелети, а покрај нив и голема количина на златен накит, скапоцени камења и кралски печат. Меѓу предметите, еден златен брош направил вистински земјотрес меѓу археолозите. Имено, Хомер детално го опишал брошот кој го носел Одисеј. Описот целосно одговара на пронајдениот од гробницата. Локалното население отсекогаш верувало дека планината Аинос е планината Неритон, спомнувана од Хомер. Ако е така, тогаш езерото Мелисани, кое задолжително треба да се посети, е пештерата на нимфите. Таа е опишана како пространа, со големи сталактити и длабока, сина вода, што Мелисани всушност е и таква. Било како било, на жителите на Кефалонија и Итака им останува да се договорат чиј е Одисеј. На туристите им е доволно возбудливо сознанието дека херојот бил во близина.

crop
Потеклото на Одисеј не и единствено нешто што поттикнува на размисла. Што е со светите змии или чудните лилјани? Во селото Маркопол се наоѓа црквата Богородица од Лангувард, каде на секој 14 август се појавува мала змија со крст на главата. Штом заврши литургијата, поточно на 15 август, змијата сама се повлекува. Народот верува дека појавувањето носи добро. Змиите не се појавиле во Втората светска војна и во 1953 година кога имало земјотрес кој го срамнил островот со земјата. Една друга црква, Гравалиотис, која се наоѓа во планинското село Пастра, е позната по случајот за лилјаните. Секоја година на Благовештение, жените берат лилјани и со нив ја украсуваат иконата на Богородица, на која е посветена црквата. Обраните цветови стојат до 15 август. На тој ден, необјасниво, тие повторно процветуваат од исушените рачки.
Ако овие феномени збунуваат, се препорачува главата да ја разбистрите со чаша вино. На Кефалонија се произведува бело вино од видот Робола, во светот познато по врвниот квалитет. Легендата вели дека кралот Лаертес на својот син Одисеј му подарил 50 различни винови лози од кои денес се одгледуваат 48, а роболата е најпозната меѓу нив. По целиот остров се гледаат поголеми и помали лозја, сите обединети во корпорацијата Робола. Корпорацијата е отворена за дегустирање на бројни видови вина: Класик, Сан Герасимос… Кога ќе ги испиете, одеднаш станува блиско и јасно секое необјасниво чудо.

robola
Блиску е женскиот манастир Св. Герасим, каде се моштите на овој светец. Тој е заштитник на Кефалонија. Живеел во 16 век, а познат е по чудата поврзани со здравјето. Затоа, најголемиот дел од машката популација го носи името Герасим. Светецот најчесто велел: “Деца, бидете во мир со себе си и не мислете високо”. Затоа, и денес, жителите не ги покажуваат наметливо своите квалитети. Во август, во чест на Св. Герасим, се организира фестивал на виното каде може бесплатно да се пие додека може да се издржи.

kefalonia-agios-gerasimos-omalon
Секако не заборавајте да посетите неколку од вкупно 36 плажи без помалите, кои се простираат на Кефалонија. Најмногу се со сино знаме, што е потврда дека се уредени и привлечни со кристално чисто море. Ќе издвоиме три, поради популарноста во светот, со што не се намалува убавината на останатите. Најпопуларна во светот е Миртос. Прекрасното дело на природата се смета за најдобро на Медитеранот. Засечена низ високите брегови на западната страна, тешко пристапна низ тесниот и со живописна панорама кон морскиот хоризонт извиткан асфалтен пат, плажата претставува откритие. Тиркизното море, белиот песок и белите бранови, се атрактивни при погледот од височината, од стрмните гребени. Широка е, морето е длабоко со преубава тиркизна боја. Чувството на стравопочит кон оваа игра на природата, станува неиздржливо со желбата за побрзо “допирање”. Нераскажани се миговите доживеани на природниот контакт на морето и копното.
Плажата Антисамос е близу местото Сами. Пространа е, чиста и опкружена со зеленило. За гламур и публицитет, Кефалонија може да се пофали со филмот снимен во 2000-та година “Мандолината на капетан Корнелиј” токму на оваа плажа. Плажата има сино знаме за што е знак за уживање во бистрата вода. Пејзажот е комбинација од сите нијанси на сино и зелено, со вегетација која речиси излегува од морето.
Близу местото Лисурл е плажата Кси. Долга е и песочна. Годи само прошетката, оти морето е плитко. Отсуството на стрмни карпи, ја прави Кси исклучок од сите други. Предност е лесната достапност. Идеална е и за оние кои сакаат спа третмани. Карактеристична е по црвеносмеѓата боја на песокот, кој потекнува од присуството на глина. Велат дека песокот ја чисти и затегнува кожата ако ја намачкате. На трите плажи се најмува опрема за водени спортови.

kefalonia-itinerary5
Времето брзо врви крај плажите, виното и разните чуда. Поради сликовитиот амбиент, дел од времето може да се искористи со посета на Фискардо и Асос. Со филџан кафе, сумирајте го поминот на островот. Мераклиите за уметноста, да не ја пропуштат шансата за посета на Бајроновата карпа. Познатиот британски поет Бајрон минал четири месеци пред да се упати во Месолонги, каде набрзо ќе умре. Живеел во селото Метаксата, а на коњ доаѓал до местото Лакитра од каде се простира фантастичен поглед на областа Ливато и морето. Седејќи на карпата, наречена според него, ги напишал своите последни стихови, тврдејќи дека станал поет благодарение на воздухот во Грција. За Кефалонија пишувал: “Ми се допаѓа ова место, иако не разбирам зошто не сакам од овде да заминам”. Бајрон морал да замине и не се вратил. Туристите денес доаѓаат, заминуваат и пак се враќаат. Се враќаат без да ја разберат причината.

Како еден од најголемите острови во јонскиот архипелаг, со површина од 904 км2, Кефалонија е и еден од најинтересните острови во Јонското море. На исток се наоѓа познатиот остров Итака, одделен со природен морски канал од 9 км и широчина од 2-5 км, на југ е островот Закинтос, а на север познатата Лефкада. Меѓу најпознатите туристички места, освен главниот град Аргостоли, се издвојува и градот Ликсури, гратчето и пристаниште Фискардо, потоа најубавите места со песочни плажи, Скала и Порос. Порос е всушност и најблиската точка за поврзување со копното на Грција и со Пелопонез до кој директно се одвива траектната врска од пристаништето Килини. Мноштвото објекти за сместување и централната поставеност до сите важни места за посета и прошетки, го карактеризираат Порос како идеално место за престој и запознавање со островот. При престојот задолжително треба да се посетат големата пештера Дрогарати со прекрасните дела на природата, исцртани во вековните фигури од сталактити и сталагмити, подземното езеро Мелесанина во Пановата пештера, плажата Миртос…, како и блиските острови Итака и Лефкада.
Горештините не го менуваат чувството на студ и подземна свежина, карактеристични за пештерата Дрогарати. Прошетката е незаменливо искуство.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *