Кое e соодветното идејно решение како треба да изгледа една винска карта. Моменталната состојба во однос на оваа, винска карта, кај нас е очајна. Отвораме листата на пијалоци во рестораните и во некое ќоше ставени неколку вина само името на виното, цената и толку. Ништо повеќе за виното. Виното е многу повеќе од обичен пијалок, и токму за тоа треба да го третираме на посебен начин.
Размислувавме како треба да изгледа една винска карта, што треба да содржи, дали да ставиме пообемни карактеристики на секое вино, или едноставен и краток текст со најважните карактеристики на виното?! Истовремено обрнувавме и големо внимание винската карта да биде интересна за гостите, да уживаат додека ја разгледуваат, да не биде досадна и секако со неа да ги убедиме гостите во рестораните да порачаат вино.
Се одлучивме на винската карта да направиме спој на следните три компоненти, храната, виното и историјата.
Големината на винската карта зависи од тоа колкав асортиман на вина има секој ресторан. Но најважно е следното, да биде сликовито прикажано виното, основите карактеристики, од која винарска визба е, која година е произведено, во кој вински регион. Потоа на кратко да бидат прикажани основите карактеристики на виното, со каков вкус се одликува, кои карактеристики ги има, на која температура се служи и слично.
Во еден дел од страната посветена на виното да има предлог јадење кое се препорачува со тоа вино, и најважнотото еден дел да му се посвети на нашата историја, да има прикажано мотиви од историските моменти карактеристични за нашата земја.
Редоследно вината треба да бидат подредени на следниов начин, белите вина, црвените вина, розе виното, и на крај пенливите вина. Следно, при подредувањето на вината да се стават прво вината од локалните винарски визби, после нив од регионалните винарски визби, па од националните, и на крај вината кои се произведени надвор од границите на Р.Македонија.
Во однос на цената, предлагаме да се стават најпрво скапите вина, па редоследно се до најниската цена.
До сега се прави голема грешка што најпрвин се ставаат евтините вина, тогаш гостинот го одбира виното што ќе му падне прво во очи и кое е со најниска цена, и за другите вина кои ги има ресторанот нема никакви сознанија. Во овој случај гостинот ќе почне да ги чита сите вина, и бараќи го најсоодветното, и секако најевтиното, ако бара такво, ќе го најде последно, но, најважно е што додека стигне до тоа вино ќе го види цел асортиман на вината кои ги има ресторанот.
Оваа винска карта, од друга страна ќе биде и еден вид на едукација, секој гостин ќе добие повеќе сознанија за виното, ќе го збогати нивното знаење и ќе ја развие винската култура кај нас во Македонија.