Малешевското буре е мевлем за ракија и за вино

Во познатото малешевско село Русиново, покрај Берово, веќе со децении, од татко на син, се пренесува тајната за правење квалитетно дрвено буре за чување ракија и вино
Ако во виното е вистината, тогаш во бурето е тајната за добро вино и добра ракија. Таа тајна ја знаат само малкумина во земјава. Една чашка добра ракија со необичен мирис беше поттик да откриеме кој е марифетот за таа да биде толку необична и уникатна. Потрагата, наместо кон производителот на пијалакот, нè одведе во познатото малешевско село Русиново, покрај Берово. Таму веќе со децении, од татко на син, се пренесува тајната за правење квалитетно дрвено буре за чување ракија и вино.

Еден од чуварите на таа тајна е 52-годишниот Славчо Страторски, од чија мала работилница, сместена покрај неговата куќа во селото, излегуваат буриња што денес се наоѓаат или во некои од нашите мали винарници или, пак, во домовите на многумина љубители на ракијата и на виното.

Славчо нè пречекува пред Русиново и заедно со него тргнуваме кон куќата. По пат многумина од селаните му креваат рака. Очигледно неговиот занает го направил познат во местото каде што живее. Само што влегуваме во дворот од неговата куќа, пред нас се исперчува буре, спремно за „извоз“.

Во редењето на летвите секогаш на помош доаѓа синот Блаже. За нас, буре како буре, дрвено, со метални обрачи. Но за познавачите тоа е повеќе од обично буре. Во тоа и набргу се уверуваме, откако Славчо почнува да ни разоткрива дел од тајните на неговиот децениски занает.

%d0%b8%d0%b7%d1%80%d0%b0%d0%b1%d0%be%d1%82%d0%ba%d0%b0-%d0%bd%d0%b0-%d0%b4%d0%b0%d0%b1%d0%be%d0%b2%d0%b8-%d0%b1%d1%83%d1%80%d0%b8%d1%9a%d0%b0-4
Занаетот го наследил од татко му Благој, кој во шеесеттите години од минатиот век почнал рачно, летва по летва да составува буриња за роднините, пријателите, соседите… Како што работел татко му, така и Славчо, уште како дете се врткал покрај него и од ден на ден сè повеќе навлегувал во занаетот. Со текот на времето го заменил татко си и веќе 30 години ги произведува бурињата.
Вели дека преку ноќ не се станува мајстор за буриња за ракија и за вино. Нагласува дека е неопходно човек да расте со овој занает и да живее со него. Животот во работилницата преполна со остатоци од дрва и прашина е негово секојдневие, од кое не може и не сака да се одвои.
– Не е лесно да се направи едно буре. Процесот е обемен, опфаќа многу работа и различни постапки, кои бараат ем прецизност, ем работа од око, ем трпение и многу желба и љубов за работа. Секако, неопходна е и помошта од домашните – вели Славчо.
Тој го избегнува зборот семеен бизнис, истакнувајќи дека тоа што го работи е всушност семеен занает, во кој се вклучени и синот и сопругата, како и татко му, кој иако веќе осумдесетгодишен, често навраќа во работилницата.

%d0%b8%d0%b7%d1%80%d0%b0%d0%b1%d0%be%d1%82%d0%ba%d0%b0-%d0%bd%d0%b0-%d0%b4%d0%b0%d0%b1%d0%be%d0%b2%d0%b8-%d0%b1%d1%83%d1%80%d0%b8%d1%9a%d0%b0-9
Како што истакнува, главниот елемент во правењето на бурињата е дрвото. Вели дека не користат какво било дрво, туку исклучиво дабово дрво, таканаречен малешевски благун, кој го има на планината Огражден. Токму во тоа дрво, што расте исклучиво во тој реон, вели Славчо, е тајната на бурињата во кои ракијата ги добива необичниот мирис и вкус каков што нема на друго место.

– За да израсне даб со таков квалитет, потребни се векови, а притоа да не е изложен на влијанија од човекот. Сè е во хемискиот состав на дрвото, односно во танинот што тоа го содржи. Според енолози, најдоброто дрво е тоа што дава мирис на ванила, а како што ни рече и еден бугарски енолог, кај нас таквиот состав го има три пати повеќе отколку во дабовото дрво во соседна Бугарија – вели Славчо.
Сепак, вели дека во земјава ресурсите со такво дрво се ограничени и дека голем дел од тие дрвја се веќе ненаменски искористени за огрев, трупци, столарија.
– Тоа се јавни шуми и ги набавуваме од шумското стопанство. Одиме на самото место, ги обележуваме, таму ги обработуваме и ги пренесуваме како готови летви. Сепак, веќе се намалува бројот на тие дрвја, а тоа што останува не е со голем квалитет. За да се посадат нови, пак, како плантажи, ќе бидат потребни сто години додека да го добијат потребниот квалитет – вели Славчо и додава дека токму тоа што нема доволно дрвја, нема можности за поголемо и индустриско производство во земјава.

%d0%b8%d0%b7%d1%80%d0%b0%d0%b1%d0%be%d1%82%d0%ba%d0%b0-%d0%bd%d0%b0-%d0%b4%d0%b0%d0%b1%d0%be%d0%b2%d0%b8-%d0%b1%d1%83%d1%80%d0%b8%d1%9a%d0%b0-17
За да се направи буре, некогаш потребни се пет години

Освен во дрвото, тајната е и во неговото долго сушење, ни открива мајсторот. Како што вели, летвите од кои потоа се составува бурето се сушат најмалку по две и пол години. Притоа е најбитно да ги врне дожд, кој ќе ја измие киселината што ја содржи дабовото дрво во себе.

– Едно буре, ако работиме сите заедно, можеме да го составиме и за еден ден. Но тоа е само дел од процесот кој трае со години. Ако се додаде и времето потребно да се оди во планина, да се бележат дрвјата, да се соберат, обработат, исушат.. излегува дека за да се направи едно буре, потребни се некогаш и пет години – вели Славчо.
Набргу ни покажува и цел ѕид од летви, наредени и збиени како тули една до друга. Како што истакнува, тие се од 1994 година и дури сега ги користи за бурињата што денес ги изработува, а до неодамна работел со летви „набрани“ уште во седумдесеттите години од минатиот век.
– Исто како и дабовото дрво на кое му треба време да порасне, така и летвите од него треба да отстојат и да го добијат потребниот квалитет за потоа да ги употребиме и со нив да составиме буре – истакнува Славчо.

%d0%b8%d0%b7%d1%80%d0%b0%d0%b1%d0%be%d1%82%d0%ba%d0%b0-%d0%bd%d0%b0-%d0%b1%d1%83%d1%80%d0%b8%d1%9a%d0%b0-11
Умешноста е и во виткањето на летвите, кое се прави со оган и топла вода, при што се внимава дрвото да добие боја на лешник. Во нивното спојување тој не користи никакво лепило, ниту смоли и премази. Сè се сведува на металните обрачи кои ги стегаат парчињата дрво и не дозволуваат бурето да протече. Од горниот и од долниот дел, по подолг процес на мерења, режења, стругања, правење жлебови, се додаваат дрвени капаци и со тоа бурето е готово.
Додека ни зборува за тајните на занаетот, пред нас со помош на синот, средношколец, составува буре. Вели дека се надева оти и неговиот син еден ден ќе биде главен мајстор кој ќе успее и да го прошири производството.
– Ова е тежок, но убав занает. На сиот тој труд на крај доаѓа задоволството, кое е уште поголемо кога ќе дознаеме дека некоја винарница освоила награда за најдобра ракија што ја чувала токму во наше буре – вели Славчо нагласувајќи дека бурињата, ако добро се одржуваат, можат да траат и повеќе од 50 години.
Најчести негови купувачи се луѓе од земјава, кои за свои потреби си ставаат ракија или вино. Имал нарачка и за мала винарница во Германија, а најчесто купувачите доаѓаат по препорака од пријатели и постојани муштерии. За оваа сезона подготвува повеќе од 50 буриња, од кои поголемиот дел се веќе продадени или нарачани и тоа по цени од 6.000, 10.000, па и 20.000 денари од буре, во зависност од литражата.
Пред заминување мајсторот Славчо наточува ракија од слива што ја чува во буре старо 15 години. Вкусот што таа го има само го потврди претходниот разговор – дека во дрвото и изработката на бурињата лежи голем дел од тајната за квалитетот на нашите традиционални пијалаци.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *