Дваесет и пет годишнината од независноста на Македонија беше повод голем број луѓе да ги евоцираат спомените од 1991 година, и да ја раскажат својата сторија.
За нас доста интересна беше приказната на Милан Талевски, Претседателот на Собранието на Град Скопје во референдумската 1991 година. Еден од оние кои вечерта на 8-ми септември е на бината на градскиот плоштад, воедно и еден од најзаслужните за спонтаната организација на прославата на плоштадот. Човекот со црна коса, наочари и бркови од фотографиите од 1991 година е оној кој всушност го донел и виното и чашите од кои дел од тогашна политичка елита наздрави за независноста на Македонија. Инсистирал тоа да биде македонско вино.
„Двете шишиња шампањско од десната страна беа донесени од Метропол, а јас од другата страна донесов едно или две шишиња „Повардарски бисер“ за да наздравиме… Тоа шише се гледа во рацете на Ченто“ – раскажува Талевски.
Ја заливме македонската независност со македонско вино, „Повардарски бисер“, а шампањското што го отвори Претседателот на Владата Никола Ќусев, беше отворено, но тоа остана долу, а чашите кои беа наполнети, осум вкупно на број, се наполнети со „Повардарски бисер“. Сето тоа со чашите и виното го организирав јас лично… едноставно е. Каде и да одите во една таква еуфорија знаете дека ќе се случи нешто и секако ќе се наздравува“ – припомнува Талевски.