Во кралската винарија годинава повторно ќе се произведе врвно вино

По пауза од четири години, повторно се откупува грозје и ќе се прави вино во најстарата винарска визба на Балканот, своевремено изградена од кралот Александар Први Караѓорѓевиќ. Инвестираа двајца партнери, кои планираат квалитетното вино за чие производство има идеални услови во овој крај, да го извезуваат на пазарите низ светот. Истовремено, на нивната агенда е и развојот на винскиот туризам крај железната порта.

Деновиве разговаравме со новите сопственици на винарницата, кои досега главно се занимавале со нафтен бизнис, но и со транспорт и туризам. Тие одлучиле да ја купат кралската винарница поради љубовта кон виното и желбата светот да ја дознае македонската винска приказна. Бидејќи од претходно веќе поседуваат хотел во Охрид, планираат двете атракции кои се под заштита, да ги стават во една туристичка понуда. Децидни се дека ќе ја подигнат и демиркаписката економија, па наместо досегашните 20 редовни и 50-ина сезонски вработувања, најавуваат над сто работници, од кои повеќето во редовен работен однос.

„Стручни лица кои ќе направат врвно вино имаме. Поседуваме и магична винска приказна на која никој не останува рамнодушен. Сакаме местово да го направиме магнет за туристите кои ќе дојдат да вкусат од божествената течност, но и да уживаат во многубројните природни богатства што ги нуди околината на Демиркаписката Клисура. Каменото царство, пештерите, ретките птици, долината со кактуси, археолошките остатоци, историските знаменитости, музејот на виното, никој не може да им одолее на тие убавини“, велат сопствениците на винарницата.

Инвеститорите не откриваат колку пари платиле за некогашниот кралски имот, но најавуваат дека дополнително ќе вложат најмалку околу 3 милиони евра. Во план е изградба на хотел од повисока класа со минимум 120 легла и спа-центар, а крај него терени за голф, мал фудбал и тенис, како и надворешен базен. Следува реставрација на сите објекти од некогашниот кралски вилает, вклучувајќи ја и кралската вила која ќе стане своевиден музеј и репрезентативен објект, при што ќе се задржи автентичноста. Некогашната детска градинка наменета за децата на работниците на кралскиот имот, на пример, сега ќе биде игротека во која ќе се забавуваат децата на посетителите.

Vinarija Elenov 04 20140904 www.for91days.com DSC09119

Оваа гроздоберска сезона овде ќе се откупат околу два милиони килограми грозје. Нашите соговорници велат дека се пријателски настроени кон производителите, но и кон другите преработувачи на грозје. За почеток, околу 70 проценти од виното кое ќе го произведат ќе биде наливно, а виното во шише најавуваат дека ќе биде со врвен квалитет. Крајната цел им е да пакуваат најмалку 5 милиони шишиња вино годишно. Иако инвеститорите преферираат вина од сортите „шардоне“ и „каберне совињон“, тоа не значи дека ќе се произведуваат само тие. Ќе се почитува историјата и традицијата на производство на вино, но ќе се внесуваат и неопходните новини во винопроизводството, за што редовно ќе се посетуваат саеми. Можен е, велат, и заеднички настап со други винари. Наместо досегашниот „Вила Марија“, новиот бренд ќе се вика „Принцезата Марија“. Ќе се продава на пазарите во Полска, Србија, Германија, САД, но најмногу во Русија. Или како што велат, ако се освои рускиот пазар како што е намерата, другите пазари нема ни да бидат потребни. Сакаат виното произведено во ова винарница да го врати стариот сјај на местото кое некогаш го раѓало најубавиот дар од Бога кој се консумирал во кралските дворови.

Своевремено кралот Александар Први Караѓорѓевиќ им наредил на своите луѓе да му одредат кое место од целото кралство е најпогодно за изградба на винарница. Тие му ја посочиле сончевата Демир Капија. Кажувањата за кралот и кралицата Марија не се единственото нешто што ги воодушевува туристите овде. Сопствениците велат дека винската приказна во Демир Капија продолжува.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *