„Тиквеш“ го објави најновото модернизирање на своето продуктно портфолио. Имено, направено е модернизирање и одвојување на популарниот вински бренд „Александрија“ во посебна линија, која покрај добро познатите црвена и бела „Александрија“ е збогатена и со ново полусуво розе вино.
Инаку, новото вино „Александрија розе“, уште пред неговото лансирање на пазарот, покажа дека ќе биде совршена екстензија на еден од најпопуларните и најпреферирани вински брендoви во земјава и регионот. Имено, на реномираниот меѓународен вински натпревар „Citadelles du Vin“ што се одржа во Бордо, Франција, најновиот член на линијата „Александрија“ освои златен медал, како и сребрен медал на натпреварот „Concours Mondial de Bruxelles“ во Брисел, Белгија.
„Ако денот се познава по утрото, тогаш освоените медали за новото „Александрија розе“ е најдобар показател за оправданоста на нашата одлука и на вложувањата во дополнување на исклучително популарниот вински бренд „Александрија“ и негово издвојување во посебна линија. Веруваме дека и со оваа иновација во нашето продуктно портфолио креиравме дополнителна вредност за љубителите на квалитетното вино и за продложување на традицијата на овој вински бренд и неговата полуларност која е присутна во целиот регион, уште од неговото појавување пред 35 години, па сѐ до денеска“, објаснува генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, Игор Илиевски.
Дополнително, направена е и промена и подобрување на изгледот на вината од линијата „Classic“ кои добија нова поексклузивна амбалажа што ќе ги направи уште попривлечни за потрошувачите, како во земјата, така и на странските пазари.
Посетителите на овогодинешниот „Вино-Скоп“ и љубителите на овие вина, може да земат учество во натпреварот за најдобра фотографија на популарната социјална мрежа Instаgram (#СекојаКапкаЕИнспирација) и со тоа да се приклучат кон кампањата „Секоја капка е инспирација“ која го комуницира новиот изглед на „Александрија“.