Јагнешко месо го зазема главното место на трпезата за Велигден, а за да биде поразновидна и побогата, пригответе еден од следниве два рецепти кои сигурно ќе ги воодушеват сите членови на семејството. Младото јагнешко е со специфичен вкус, а ако добро се приготви, месото едноставно ќе се топи во устата и ќе се лепи за прстите.
Јагнешко со компир
Потребни состојки: 1,5 кг јагнешки бут, 1,5 кг компири, 100 мл млеко, јајца, 100 мл масло, 50 г путер, 50 мл бело вино, сол, црн бибер, лук.
Приготвување: јагнешкото месо посолете го, ставете му црн бибер и наполнете го со лук. Прелијте го со маслото и со белото вино и печете го два часа на 180 степени, а потоа извадете го од плехот. Компирите исечкајте ги на поголеми парчиња, посолете ги и наредете ги во плехот во кој се печело јагнешкото. Прелијте ги со павлаката изматена со јајцата, млекото и истопениот путер. Печенето јагнешко ставете го врз компирите и вратете го во рерната додека компирите не се испечат.
Валано јагнешко
Потребни состојки: 1,2 кг јагнешко филе или од гради, 3 китки блитва или спанаќ, 2 печени пиперки, рузмарин, суви билни зачини, масло, бело вино.
Приготвување: Месото одвојте го од коските, посолете го и посипете го со рузмарин. По него распоредете ги спанаќот или блитвата. Преку спанаќот наредете ги филетите од пиперки. Сето тоа завиткајте го во ролна и заврзете го со тенок канап. Ставете го во плех, прелијте го со масло, вода и со бело вино, па печете го околу 40 минути. Додајте зеленчук по желба, а потоа печете уште еден час. Сервирајте го со компир, тиквички или со моркови.
Со овие јадења Ви предлагаме да се напиете вино од сортата Мерлот на винарската визба Милев „Гоце Делчев Тиквеш“ Кавадарци. Овошниот карактер со препознатливи ароми на зрела цреша, боровинка и капина и страстен бакнеж на ванила е совршен избор за Велигденската трпеза, а освен со јагнешко, можете да го комбинирате и со сите видови на црвено месо, скара, печен компир и пржен зеленчук со печурки.