Џенаро Гатузо не го изгубил темпераментот по кој беше препознатлив како играч, па со истиот жар и емоции влезе и во улогата на предводник на Милан, и набрзо успеа да им го наметне победничкиот менталитет на тимот кој играше очајно на стартот од сезоната.
Милан игра како препороден, а Гатузо конечно може да наздрави со чаша вино после секој триумф, нешто што не си го дозволувал како играч.
„Јас бев еден од оние кои беа луди по оваа игра. Бев грешен во паметот. 18 или 19 години фудбалот беше единствената работа на која што мислев. Внимавав што јадам па дури внимавав да не се напијам ниту чаша вино. Затоа денеска повеќе не ми недостига играњето фудбал. За време на кариерата направив повеќе жртви од што требаше“ – вели Гатузо.
Во едно од своите интервјуа, Гатузо открива дека е вљубеник во гастрономијата, а таа љубов трае повеќе од 20 години.
„Мојот втор живот е гастрономијата, а тоа почна кога почнав да играм во Глазгов во 1997-ма. Таткото на мојата сопруга, Марио Романо кој повеќе не е жив, имаше можеби 20-25 ресторани во Глазгов. Мојата страст за храна почна кога го сретнав Марио. Јас почнав со ресторан во Милано кој се уште постои и сега имам и рибарница. Многу сакам вино и јас сум еден од оние кој по завршувањето на кариерата пие дневно по две чаши црвено вино“ – дополнува Гатузо.
За себе вели дека се однесувал како типичен италијанец и преферирал само домашно вино, но сега работите се поинакви. „Претходно бев типичен Италијанец и пиев само италијански вина, но сега пробувам и странски и морам да признаам дека многу од нив се со висок квалитет“.
Едни од омилените вина на Гатузо се и вината на својот соиграч од средината на теренот на еден од најсилните состави на Милан, Андреа Пирло. „Во мојот ресторан може да се пробаат и вината на Андреа Пирло, кој мора да кажам дека ги прави многу добро“ – вели Гатузо.