Ако сте љубители на вино, знаете дека постојат препорачани температури за чување и консумирање на виното за да го добиете најдобриот можен вкус. Но, некогаш едноставно ви треба виното да биде ладно, и тоа брзо, а немате многу време.
Постојат неколку различни начини за брзо да оладите вино, а во продолжение со вас ќе споделиме дел од нив.
Кога се работи за црвено вино, тоа може да се пие на собна температура бидејќи тоа не му влијае на вкусот. Баш напротив, се препорачува да се пие на температура од 12 до 18 степени за да биде што е можно повкусно. Ова не е случај кај белото вино. Тоа бара да биде добро оладено, па затоа секогаш осигурајте се дека ќе го сервирате на температура од максимум 12 степени.
Еден начин за брзо ладење на вино е да навлажните салфетки и да ги залепите на шишето, а потоа тоа да го оставите во комора некои 10-15 минути. Кога ќе почнат да се замрзнуваат салфетките, ладењето на виното ќе оди побрзо.
Уште побрз начин да се излади виното е ако имате мраз и кофа за вино. Наполнете ја кофата до половина со вода и потоа додадете мраз во неа. Потоа ставете го виното, па промешајте го низ кофата неколку минути.
Има и подобрена верзија на овој начин на ладење, која вклучува сол. Логиката вели дека колку побрзо се стопува мразот, толку побрзо ќе се олади виното. Затоа, направете ја истата постапка од претходно, со тоа што овојпат во кофата ќе ставите и крупна сол. Солта ќе помогне мразот побрзо да се стопи и вашето вино ќе биде ладно за само 3-4 минути.
Доколку немате кофа, можете оваа постапка да ја направите во кујнскиот мијалник. Затнете го чепот и наполнете го мијалникот со 60% вода и потоа додадете мраз. Потоа ставете го виното и почекајте десетина минути.
Секогаш треба да бидете спремни за гости, па затоа препорачливо е да го чувате виното во фрижидер или во подрум. Но, ако сте заборавиле тоа да го направите навреме, се надеваме дека овие совети ќе ви помогнат за побрзо да се подготвите за гости.